„Има одреден дел на иновативност во смисла малку на експанзија на користењето на социјалните мрежи, обид да се комуницира со младите, тие да се мобилизираат, да се активираат”, вели универзитетскиот професор и комуниколог Сеад Џигал во дебатата во „360 степени” на МРТ 1

Нема иновации и голема креативност во оваа кампања за локални избори што се однесува до надворешниот визуелен идентитет на кампањата, тоа што го гледаме во однос на бои, на визуелното прикажување на кандидатите. Тоа е една стандардна техника – вели професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Јасна Бачовска-Недиќ, во однос на досегашната кампања за локалните избори кои ќе се одржат на 19 октомври.

Бачовска-Недиќ оценува дека партиите се активни пред сè на социјалните мрежи и се обидуваат да придобијат многу инфлуенсери и млади луѓе, што, според неа, пак, може да се толкува како добра стратегија за придобивање гласови од помладите, особено знаејќи колку се тие политички апатични. Во однос на тоа кој вложува повеќе во кампањата, таа рече оти владејачката партија (ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) е повеќе присутна во јавниот простор и повеќе вложува, што е иманентно, имајќи предвид дека станува збор за десноориентирана конзервативна партија.
„Добивме пакетче на врата токму од владејачката партија, оние стандардни материјали, па јас од стручен аспект и ги разгледав програмите. Значи, многу повеќе во програмите, кога ги читаш, се третираат локалните проблеми, но она што излегува на површина е еден друг курс. Значи повеќе ми е присутна владејачката партија. Можам да кажам дека тие имаат една традиција во таков агресивен политички маркетинг“,
кажа таа.
Професорот на Балканскиот универзитет, Сеад Џигал, вели дека кога се зборува за политичка кампања, потребно е да се видат две клучни работи, односно, што се случува на терен и како медиумите известуваат за тие настани. Вели дека од она што тој може да го забележи, нема драстични промени од минатото и оти има еден вид „ритуална“ комуникација, но, како што кажа, забележува постепена поларизација во партиската реторика каде што носителите на кампањата, кандидатите и лидерите, пред сè, упатуваат пораки до своите партиски целни групи, а само попатно се обраќаат и до другите граѓани од поширокиот круг.

„Има одреден дел на иновативност во смисла малку на експанзија на користењето на социјалните мрежи, обидот да се комуницира со младите, тие да се мобилизираат, да се активираат. Имаме еден мал срамежлив обид за вклучување на вештачката интелигенција во, да речеме, оформувањето на пораките, особено објавите на социјалните мрежи. Се забележува тоа и во дел од слоганите, мотоата и така натаму“,
кажа Џигал.
Граѓанскиот активист Бесим Небиу, пак, вели дека кај партиите на Албанците, за разлика од минатото, кампањата е многу поразлична. Причина за тоа, како што вели, меѓу другото, се прогнозите и анкетите кои велат дека соодносот помеѓу двете опции е поприближен за разлика од македонскиот кампус и тој факт ги прави изборите понеизвесни, барем кај албанскиот блок.

Кога станува збор за нивото на комуницирање кај ВЛЕН и ДУИ, Небиу констатира дека меѓу пораките кои се испраќаат има навреди од двете страни, иако локалните избори, вели, би требало да бидат фокусирани исклучиво на локални теми, оти се избираат градоначалници кои треба да ги решаваат секојдневните проблеми на граѓаните.
„Значи, вие го слушнавте и лидерот на ДУИ како, нели, ги нарекува загари политичките претставници на ВЛЕН. Тоа е вид навреда и тоа беше употребено во кампањата. Мислам дека и лидерите на ВЛЕН имаа свој контраодговор, можеби не со таков тоналитет. Очигледно е дека наративите коишто се партиски, коишто имаат врска со државната политика, односно со централната власт се испреплетуваат во овие избори и дека во голема мерка и во албанскиот политички блок кампањата, всушност, се води за тоа каде оди државата, многу повеќе од локални теми, односно многу повеќе отколку што би требало“,
кажа Небиу.