Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука, на денешната прес-конференција соопшто дека повеќе од еден месец во оваа општина нема нови заразени и епидемилошката состојба ја оцени како стабилна.
„Нема ниту лица во изолација, а во самоизолација се 14 лица, кои претходно биле во државен карантин во Струга“,
рече Дука, кој раководи и со општинскиот Оперативен штаб.
Дебарскиот градоначалник исто така ја оцени како добра и безбедносната состојба, со регистрирани две сообраќајни незгоди минатата недела и пожар во селото Горно Косоврасти каде изгореа осум плевни со дел од добитокот.
Дука информира и дека Јавното комунално претпријатие „Стандард“ воведува четиричасовна рестрикција во снабдувањето со вода од 13:00 до 17:00 часот, поради зголемената потрошувачка на водата за пиење, што според дебарскиот градоначалник е резултат на несовесноста на граѓаните кои ја злопуотребуваат за наводнување градини, миење дворови, тротоари, па дури и улици.
Градоначалникот Дука апелираше до граѓаните и до сите правни субјекти, кои почнаа со работа, строго да ги почитуваат препораките и мерките на надлежните за спречување на проширувањето на пандемијата.
