Министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе се прави скрининг на населението во Дебар и Центар Жупа, со оглед на тоа што таму веќе извесен период не се дијагностицираат пациенти.
„Тоа ќе биде со оглед на тоа што во Министерството добивме донација од 20 000 теста за дијагностика на антитела и со оглед на ситуацијата што во Дебар нема новодијагностицирани, сите пациенти закрепнуваат, ги чекаме и вторите тестови за да видиме дали тие дијагностицирани пациенти се негативизирани. Ќе направиме еден скрининг во бројка од 20 до 30 отсто од вкупното население во регионите каде што имаше мерки во смисла на рестрикции на движење воведени пред вонредната состојба, со што сакаме да направиме скрининг на населението и да се процени имунитетот. Тоа ќе биде одличен пример за тоа што би можеле да очекуваме и на ниво на целата држава во оној момент кога ќе одлучиме дека треба да се прави таков скрининг согласно времето на епидемијата“,
рече Филипче.