Протестите следуваат три дена по состанокот во Вашингтон, на кој данските претставници истакнаа дека нема можност за договор со САД за статусот на островот
Илјадници граѓани најавија оти денеска ќе излезат на улиците во повеќе градови во Данска, како главниот град Копенхаген, Архус, Алборг, Оденсе, како и во Нук, главниот град на Гренланд, за да испратат јасна порака до Вашингтон дека демократијата и суверенитетот не се предмет на трговија. Протестите, организирани од коалицијата на гренландски организации и здружението „Уагут“, се директен одговор на амбициите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз стратегискиот арктички остров.

Токму Трамп ја актуелизираше намерата САД да ја преземат контролата врз островот, наведувајќи ги националната безбедност и парирањето на руските и кинеските интереси на Арктикот како клучни причини. Тој најави дека тоа ќе се случи на еден или друг начин.
Високиот советник на Трамп, Стивен Милер, за Фокс њуз ја потврди оваа позиција истакнувајќи ги економските и одбранбените аргументи.
„Гренланд е територија со големина на четвртина од САД, но е мала земја со мала економија и војска која не може самостојно да се брани. САД немаат намера да трошат милијарди долари за одбрана на територијата, а суверенитетот да ѝ го остават на Данска“,
рече Милер.
Интересот на Вашингтон за Гренланд се поврзува и со постоењето на американската вселенска база „Питуфик“ (поранешна Туле), која е најсеверната инсталација на американските вселенски сили и клучна точка за системот за рано предупредување од проектили. Дополнителен фактор се огромните резерви на ретки метали, неопходни за високотехнолошко производство, за кои западните медиуми известуваат дека се новата фокусна точка на американската ресурсна стратегија.
Протестите следуваат три дена по состанокот во Вашингтон, на кој данските претставници истакнаа дека нема можност за договор со САД за статусот на островот. Трамп, пак, најави можност за воведување царини за земјите кои не го поддржуваат неговиот план.
Во меѓувреме на теренот се одвиваат заеднички активности на НАТО. Како дел од вежбата „Арктичка издржливост“, воен персонал од Франција, Шведска, Германија, Норвешка, Холандија, Финска и Велика Британија пред два дена беше распореден на Гренланд за извидувачка мисија.
