Како што е предвидено со член 132-а, при повторените избори нема повторно да се условува цензусот од една третина за да бидат успешни

Денеска нема да се одржи гласање во четири општини во земјава – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и во Маврово и Ростуше. Причината за ова е недоволниот одзив на гласачи во првиот круг од локалните избори 2025, информираа од Државната изборна комисија (ДИК).
Според законските одредби, за да се сметаат изборите за успешни во првиот круг, потребна е излезеност од најмалку една третина односно 33,33 отсто од запишаните гласачи, услов кој не бил постигнат во овие четири општини.
Податоците што ги објави ДИК по првиот круг од изборите во Гостивар излезеноста била 33,31 отсто, во Маврово и Ростуше 30,31 проценти, во Врапчиште 25,18 отсто и во Центар Жупа гласале 21,49 проценти од запишаните избирачи.
Согласно член 132 став (2) од Изборниот законик, во овие случаи се повторува целата изборна постапка. Повторените избори ќе се одржат во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори 2025.
Како што е предвидено со член 132-а, при повторените избори нема повторно да се условува цензусот од една третина за да бидат успешни.
Денеска се одржува вториот круг од изборите за градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Во првиот круг беше извршен избор во 44 општини.
Во вториот круг од изборите победник е кандидатот за градоначалник што ќе освои најголем број гласови.
