Светската здравствена организација денеска предупреди дека е „премногу рано“ да се каже дали коронавирусот или кодвид-19, како што е службеното име на вирусот, го достигнал својот врв, како и дека е рано да се каже кога епидемијата ќе заврши и покрај намалувањето на бројот на новозаболени.
„Мислам дека е премногу рано сега да се обидуваме да го прогнозираме почетокот, средината или крајот на оваа епидемија“,
рече Мајкл Рајан, шеф на програмата на СЗО за вонредни состојби во здравството.
Утре во Брисел, пак, треба да се одржи и вонреден состанок на министрите за здравство од државите членки на ЕУ, посветен на новиот коронавирус, на кој се очекува да присуствуваат и претставници од СЗО.
Министрите се викани на состанок пред неколку дена, а неговата цел е да се направи координација околу кризата со вирусот и неговите последици за јавното здравје и економијата.
Се очекува на состанокот да се разговара, меѓу другото, и за тоа дали треба да се воведе ограничување врз летовите од и кон Кина, репатријацијата на европските граѓани и одговорот на кризните центри.
Министрите треба да се договорат за заеднички итни здравствени и хигиенски мерки на европска територија за да се спречи ширењето на овој вирус.