Арсовска и Костадиновска-Стојчевска се договориле да изготват заедничка платформа за претставување на културната сцена на Северна Македонија и за потенцијалите што ги има државата за искористување на европските фондови и можности и поголема присутност преку програмата „Креативна Европа“ пред ЕУ

Градот Скопје во Брисел ќе ги претстави планираните активности и културна програма кои се дел од кандидатурата за престижната титула Скопје – Европска престолнина на културата 2028, истакнаа на средбата градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Независни експерти назначени од институциите и телата на Европската Унија во септември, во седиштето во Брисел, ќе одржат панел-дискусија на која ќе ги оценуваат апликациите, а во потесниот круг за оваа престижна титула се влезени Скопје и Будва.
Арсовска и Костадиновска-Стојчевска се договориле да изготват заедничка платформа за претставување на културната сцена на Северна Македонија и на потенцијалите што ги има државата за искористување на европските фондови и можности и поголема присутност преку програмата „Креативна Европа“ пред ЕУ.
„Изготвена е детална програма со долгорочна развојна стратегија за културата, која содржи многубројни податоци за Скопје, богатата историја и културно – историските споменици. Особено важно е што со заеднички заложби на градските и националните културни установи, на Министерството за култура, Владата и скопските општини, се движиме кон нашата цел, а Скопје доби поддршка и од голем број европски градови и културни институции“,
се нагласува во соопштението од Град Скопје.
Според Костадиновска-Стојчевска, да се биде престолнина на културата е можност за анимирање многу општествени, културни и економски капацитети и придобивки на Градот Скопје и на целата држава.
„Убедена сум дека културата, нашите институции и независната сцена, поединци и културни оператори имаат капацитет за изготвување програма со европски квалитет и вредности. Впрочем, голем број од нив тоа веќе и го докажуваат преку вклученост во мрежата на европските фестивали и настани“,
рече Костадиновска-Стојчевска.