Попладнево, според податоците на платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју ер“, индексот на загаденост на мерното место Битола 2 е 178 и е означен во категоријата „нездрав“
Во Битола од денеска, поради надминување на прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри, и тоа надминување на вредноста од 150 микрограми на кубен метар во текот на два последователни дена, стапуваат во сила препораки и мерки во случај на надминат праг на алармирање.
„Согласно Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели, во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри и надминување на вредноста од 150 микрограми на кубен метар во текот на два последователни денови и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, информираме дека истиот е надминат на мерното место во Битола – Битола 2“,
се вели во денешното соопштение од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Мерките што ги предлагаат од Министерството се да биде интензивиран вонредниот инспекциски надзори на инсталациите со А-интегрирана еколошка дозвола, како и да има контрола на терен на инсталациите со Б-интегрирани еколошки дозволи и елаборати.
Се препорачува да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние што се на дизел-горива и нерегистрирани возила.
Потребно е да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата, а има забрана и за горење на отворено.
Препорака има и за сите правни субјекти да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
Работното време на лицата што работат на отворено треба да биде реорганизирано и тие да работат од 11 до 17 часот
Исто така, се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Попладнево, според податоците на платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју ер“, индексот на загаденост на мерното место Битола 2 е 178 и е означен во категоријата „нездрав“.
Како главен загадувач се наведени ПМ 2,5 честичките, чија концентрација е 94,1 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 110,1 микрограми на кубен метар.
Според упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО), концентрацијата на ПМ 2,5 во Битола во моментов е 18,8 пати поголема од годишната вредност.