„Со пописот за 2024 година е утврден кусок на ситен инвентар во употреба од 4 208 000 денари, за кој не се преземени мерки за утврдување одговорност кај вработените лица, од причина што не може да се потврди дали кусокот произлегува од несоодветно управување на задолжените лица или поради утврдени недоследности на софтверската апликација за евидентирање на промените кај залихите“, открила ревизијата во СОЗР во 2024 година
Државниот завод за ревизија нотира поголем број недостатоци во работењето на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата. Наодите се однесуваат на извршена финансиска ревизија заедно со ревизија на усогласеноста за 2024 година, кои државниот ревизор ги објави во четири извештаи.

„Со извршената ревизија утврдивме состојби кои укажуваат на слабости во проценувањето на средствата со кои располага СОЗР“,
се наведува на почетокот на соопштението од државниот ревизор.
Во него е издвоено дека големиот број ангажирани лица преку приватни агенции за вработување, на определено време и со договор на дело, влијае на континуираното обезбедување услуги за други институции, како и на квалитетот на информациите презентирани во финансиските извештаи за државните органи кои ги користат услугите.
Ревизорот утврдил одредени активности на СОЗР во извештајот за 2024 година кои, како што се наведува, не се усогласени со законската регулатива и подзаконските акти.
Хонорарци ангажирани на раководни позиции
Притоа, меѓу другото, било утврдено дека за 21 привремено ангажирани лица во текот на 2024 година им биле исплатени 3,2 милиони денари врз основа на договори со приватни агенции за вработување, а дел од лицата биле ангажирани за вршење редовни работни задачи за работни места од категорија Б, односно раководители и помошник-раководители на сектори и одделенија. Инаку, согласно членот 24 од Законот за административни службеници, како што потсетуваат од ДЗР, овие вработени се обврзани да поседуваат високо ниво на знаење, компетенции, искуство и сертификати.
Според државниот ревизор, утврдени се и фаворизирачки елементи при склучување договори во 2021 година за физичко обезбедување на државните објекти. Во овој сектор биле вработувани без да се почитуваат правилата за докажување на нивната техничка и професионално способност.
„За сервисирање на моторни возила со кои располага Службата е склучена Рамковна спогодба со три економски оператори, со вкупна вредност од 10 620 000 денари со вклучен ДДВ. Кај два економски оператори, 50 отсто од набавените услуги и резервни делови во 2024 година не се предвидени во техничката спецификација и листа на цени што упатува на несоодветно планирање на потребни делови“,
се вели во извештајот.
Бифеата и рестораните без дневни финансиски извештаи
Недоследности се констатирани во дел на извршени услуги во угостителските објекти, односно рестораните и бифеата со кои управа СОЗР, каде што уплатата на средства за наплатени услуги во готово се вршела со задоцнување од неколку месеци, а во 2024 година се нотирани уплати на дневен пазар кои датираат од 2023 година.
Државниот ревизор констатирал и дека во СОЗР не се изготвува Книга на дневни финансиски извештаи со регистрирани податоци за вкупниот промет и ДДВ предвидени со Законот за регистрирање на готовински плаќања.
„Забележан е низок износ на уплатен дневен пазар поради прекин во одржувањето на фискалната апаратура, а за месец јуни 2024 година не се издавани фискални сметки, ниту парагон блокови за остварен промет во готово. По извршениот попис за 2024 година, утврдена разлика помеѓу сметководствената и фактичката состојба на залихите на прехранбени производи во главниот магацин, во износ од 4 187 000 денари без предложени мерки за решавање на состојбите“,
нотира ДЗР.
Има ли потреба од луксузните возила на лизинг
Од Државниот завод за ревизија укажале и на воспоставената пракса СОЗР да обезбедува службени возила од висока класа за повеќе институции по пат на лизинг и во таа насока оттаму констатираат дека во Службата недостасуваат процедури или упатства со кои ќе се уреди планирањето на потребата од набавка на возила, како и дека не се обезбедени информации од институциите дали во меѓувреме се сменила потребата за натамошно обезбедување со возило по пат на лизинг, односно дали за набавката постои реална потреба.

„Со договорите за лизинг се обезбедуваат 45 возила за што секоја година се одлева висок износ на средства од Буџетот на државата“,
велат од Државниот завод за ревизија.
Дополнително од ДЗР на надлежните органи има било укажано дека е потребна побрза динамика за воспоставување на регистарот на недвижниот имот на државата. Ова, како што се наведува во извештајот, е од причина што поради честите промени на корисниците, објектите, површината на деловниот простор и нивното времено користење со одлуките кои ги носи Владата, постои неизвесност при користење и располагање со земјиштето околу и под зградите; останува неуредно прашањето за тековно и инвестиционо одржување на објектите кога се сместени повеќе институции, како и ризик од нецелосна евиденција на имотот со кој управува СОЗР.
„Евиденцијата на земјиштето се води во книги за недвижните ствари и материјалната евиденција по локации, без истото да биде усогласено со податоците за површината со податоците од имотен лист или КП што влијае на проценување на неговата вредност; сеуште се евидентира земјиштето на улица Јордан Мијалков (стари бараки на СОЗР) во износ од 439 734 000 денари кое одамна е продадено и се изградени објекти на приватен правен субјект; за земјиштето во Струмица, Кичево, Куманово, Велес, Штип и Дојран СОЗР нема податоци и информации дали и за што се користи или за евентуални промени во сопственоста иако истото е со проценета вредност од 130 201 000 денари; земјиштето околу објектите не ја следи промената на корисниците согласно одлуките на Владата поради што постои ризик од не економично користење или располагање со земјиштето од трети лица“,
велат од Државниот завод за ревизија.
СОЗР располага со стара опрема
Оттаму утврдиле и дека 92 проценти од вредноста на опремата на СОЗР е отпишана, што укажува дека Службата располага со стара опрема.
Ревизорите евидентирале 865 пумпи за вода и 18 генератори од кои мал дел се наоѓаат во СОЗР. Опремата била набавена во 2016 година за справување со поплавите во селото Стајковци за што биле потрошени 19 592 000 денари, од кои најголем дел се дадени на Министерството за одбрана – АРМ, дел на општините Шуто Оризари, Аеродром, Илинден, Арачиново без сето тоа да биде поткрепено со соодветна документација.

Вредноста на залихите на резервни делови во магацините на СОЗР, пак, е проценета на 11 587 000 денари од кои 95 проценти, според државниот ревизор, се застарени и неупотребливи залихи.
Иако при спроведениот попис за 2023 и 2024 година за нив бил даден предлог да бидат расходувани, до моментот на ревизијата тоа сè уште не било направено.
„Со пописот за 2024 година, утврден е кусок на ситен инвентар во употреба од 4 208 000 денари за кој не се преземени мерки за утврдување на одговорност кај вработените лица, од причина што не може да се потврди дали кусокот произлегува од несоодветно управување на задолжените лица или поради утврдени недоследности на софтверската апликација за евидентирање на промените кај залихите“,
се нотира во извештајот на ДЗР.
