Белгиски суд првпат изрече затворска казна за закани упатени преку социјалната мрежа Фејсбук кон поранешната пратеничка со турско потекло, Махинур Оздемир.
Ален Бине е осуден на строга затворска казна од десет месеци од страна на Апелацискиот суд во Брисел, со што ја преиначи првостепената казна од Основниот суд од две недели затвор за Бине.
Казната се однесува на негов коментар на Фејсбук во 2015 година по телевизиски настап на пратеничката Оздемир.
Судот оцени дека овој коментар е прекршување на законот од 1981 против дискриминација и ксенофобија.
Во коментарот Бине напишал: „Што бара оваа во нашата земја? Како е можно оваа ороспија што си го вакцинира својот одвратен турски син на наш трошок сѐ уште да не е убиена?“
По првостепената пресуда Бине се жали до Апелацискиот суд, а во меѓувреме продолжува да се заканува на локална политичарка. Минатата година е задржан во полиција поради семејно насилство.
Во својата аргументација белгискиот Апелациски суд оценува дека слободата на мислење не е апсолутна.
„Треба да се земе предвид, меѓу другото, сериозноста на овие дејства кои покажуваат дека тој ги презира другите, нема почит кон законот кој ја заштитува оваа вредност и не ги почитува елементарните правила на општествениот живот. Во налет на избувливост, осомничениот упати јавни навреди и говор на омраза кон неа и нејзиниот син поради нејзината националност или потекло, без воопшто да сфати дека тоа може да ги поттикне оние што го читаат да манифестираат насилно однесување кон овие лица, и со тоа ги стави во опасност тужителите“, оцени Судот.
„Слободата на мислење и изразување претполагаат право да се изразат своите убедувања, но таа слобода не е апсолутна“, смета белгискиот суд.
Судот укажува дека казната од десет месеци затвор без можност за условно ослободување треба да служи како пример за него и за другите во општеството.
Оздемир преку своите адвокати ја поздрави пресудата.
„Не може сѐ да се пишува на интернет, има граници, ова е првпат говор на омраза, поради етничката припадност, изразен на социјалните мрежи да биде осуден на затворска казна, времето на неказнивост за омразата на интернет заврши“, соопштија адвокатите на поранешната пратеничка, која во меѓувреме ја напушти Белгија и ѝ се придружи на владата на Реџеп Таип Ердоган. Оздемир е моментално амбасадорка на Турција во Алжир.