Во потрагата по спортскиот авион, која се одвива по исклучително тежок предел и во лоши временски услови, се вклучени припадници на специјалната и интервентната полиција, Хрватската планинска спасувачка служба и работници од цивилната заштита
Пилотот на спортскиот авион „Цесна“, кој денеска исчезна од радарот по полетувањето од Сплит кон Германија, е швајцарски државјанин, додека двајца патници се германски државјани, а едно лице е хрватски државјанин, покажуваат податоците на полицијата.
Леталото се уште не е пронајдено, а потрагата по исклучително тешкиот предел продолжува.
Полицијата соопшти дека во потрагата учествуваат и припадници на специјалната и интервентната полиција.
Началникот на Хрватската планинска спасувачка служба (ХГС С), Јосип Граниќ изјави дека се уште нема нови информации, но рече дека е позитивно што поголем број луѓе се вклучиле во потрагата и дека е извршен увид на поголема површина.
Авионот се смета за исчезнат, нагласи Граниќ и додаде дека не може да се прејудицира дали се урнал.
Шефицата на одделот за потрага и спасување на авионот, Наталија Мезак Доленчиќ, за ХРТ изјави дека моментно на терен има стотици луѓе – од полиција до припадници на ХГС С и работници од цивилната заштита.
Таа нагласи дека поради временските услови авионите и дроновите не можат да функционираат, но дека штом временските услови дозволат ќе бидат ангажирани на терен.