Зголемувањето на бројот на ковид-позитивни во овој период е многу логичен след со оглед на тоа што по летните одмори, луѓето се враќаат од различни страни на светот, вели во изјава за МИА директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ. Но, и покрај растот бројот на заразени, уверува таа, нема место за паника
Вкупно 112 случаи на ковид-19 биле регистрирани во август годинава во земјава, што е речиси петпати повеќе во однос на бројот на инфицирани во јули, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Во однос на јули се регистрира зголемување на бројот на пријавени од ковид-19 за 4,6 пати, a во однос на август 2022 година, се регистрира многукратно намалување на заболените. Од заболените во август 2023, најголем број на заболени се пријавени од Скопје, а највисока инциденца се регистрира во Кавадарци“,
пишува во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Триесет и пет од заболените во август биле реинфекции, а во текот на месецот е пријавено едно починато лице.
Зголемувањето на бројот на ковид-позитивни пациенти во овој период, вели во изјава за МИА директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ, е многу логичен след со оглед на тоа што по летните одмори, луѓето се враќаат од различни страни на светот.
Но и покрај растот на бројот на заразени, Стевановиќ уверува дека кога е во прашање коронавирусот – нема место за паника. Вирусот, вели таа, ќе биде присутен исто како што е присутен и грипот.
„Шестмина хоспитализирани пациенти имаме во моментов, примени изминатите денови, повозрасни, над 70 години, сите со сериозни коморбидитети и тешки болести, како малигност, срцева болест. Двајца од нив се во сериозно тешка состојба. Во тек на вчерашното дежурство, има десетина амбулантски прегледи на ковид-позитивни, со лесна клиничка слика, за лекување во домашни услови. Повеќето пациенти се со лесна клиничка слика“,
вели Стевановиќ во изјава за МИА.
Додава дека во секој случај, во болници и во аптеки задолжително треба да се носат заштитни маски и главно, како што вели, да се лимитира комуникацијата со болни.