Во анкетата што ја објави Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) за претстојните избори во благо водство е ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ.
Вкупно 21,9 отсто се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, а коалиција СДСМ и Беса добила поддршка од 19,8 отсто, ДУИ има поддршка од 5,9 отсто, а за коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива се определиле 4,2 отсто, Левица, 1,3 проценти и ДПА 0,9 отсто.
Анкетата е спроведена од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) каде што програмски директор е Владимир Божиновски, политички аналитичар чиј глас пред две години се слушна и во две таканаречени „бомби“ кои беа пуштени во судница за предметот „Титаник“. Во разговорите се слушна како Божиновски разговара со ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, токму за анкета која ја спроведувал преку ИПИС.
Разговорот од 30 мај 2011 година, во кој Божиновски му вели на Јанакиески дека проблем за изборите во 2011 година е четвртата изборна единица, според анкетата што тој ја спровел. Во разговорот Божиновски додава дека е можно да има и грешка во анкетата од +/-3%, но дека следниот ден ќе ја повтори анкетата.
Во денешниот извештај за анкетата што ИПИС ја спровел во пресрет на изборите на 15 јули 2020 се вели дека е направена со телефонско јавување во периодот помеѓу 2 и 5 јули 2020 на 1 087 полнолетни испитаници.
„Истражувањето беше реализирано со користење случаен примерок кој беше стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението во Република Македонија. Во него беа запазени демографските специфики на населението како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и регионалната застапеност, со тоа што Скопје беше земено како посебна целина заради своите посебности. Истражувањето е спроведено за потребите на ИПИС со цел да се анализираат предизборните рејтинзи на партиите и политичарите. Анкетата е финансирана од сопствени средства на ИПИС“,
се вели во извештајот на ИПИС.
Во 2017 година, пак, истражувачката мрежа БИРН објави текст во кој според документите што новинарите ги добиле се гледа дека ИПИС само со Министерството за труд и социјална политика има склучено договори во вредност од речиси половина милион евра за периодот од 2012 до 2017 година.
„Повеќе од 600 000 евра од три државни институции има земено Институтот за политички истражувања (ИПИС) во периодот од 2011 до 2017 година за истражување на јавното мислење, покажуваат документите што ги поседува БИРН. Овој институт во јавноста често беше застапуван преку Владимир Божиновски, кој во јавните настапи редовно ги бранеше ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, а анкетите на ИПИС за рејтингот на политичарите секогаш одеа во корист на поранешната владејачка структура“,
пишуваше БИРН.