На прашањето дали општината ќе има дополнителни трошоци кон компаниите вклучени во собирањето на сметот, Митески вели дека засега се во рамките на набавката, но очекува дека ќе треба и дополнително да се плаќа за услугата

Во Општина Аеродром од утринава се работи на собирање на отпадот од контејнерите, вели в.д. градоначалникот Дејан Митески.
Во собирањето на сметот е вклучена механизација на неколку општини од околината на Скопје, а помагаат и приватни компании.
Дел се општествено одговорни компании, а две се фирми ангажирани на тендер за собирање на кабаст отпад.
Тој, во изјава за „360 степени“, вели дека побарале од компаниите што се избрани на тендер за собирање на кабаст отпад во Аеродром денеска да се вклучат во собирањето на сметот.
Утринава, по обиколка на неколку локации во Општина Аеродром, „360 степени“ забележа дека контејнерите се празни, но околу нив сè уште можеше да се види расфрланиот смет.






Митески вели дека екипите што го собираат сметот ќе ги исчистат и деловите околу контејнерите. Тој потврди и дека денеска со еден мал камион екипи на „Комунална хигиена“ го подигнуваат отпадот од домаќинствата во Лисиче.
На прашањето дали општината ќе има дополнителни трошоци кон компаниите вклучени во собирањето на сметот, Митески вели дека засега се во рамките на набавката, но очекува дека ќе треба и дополнително да се плаќа за услугата.
„Како општина побаравме и добивме помош од неколку општини од околината на Скопје – Илинден, Сопиште и Зелениково, и од општествено одговорни компании. Ангажиравме повеќе од десет машини, камиони за транспорт на отпад што во текот на наредните денови ќе работат интензивно“,
вели Митески.
За помошта што ја имаат од општините и од компаниите, Митески информира и на својот фејсбук-профил, каде што постави видео од акцијата.
„Надвор од нашите надлежности, се организиравме да го исчистиме Аеродром. Чистиме насекаде, од Долно Лисиче до Мичурин. Благодарност до општините: Илинден, Зелениково, Сопиште како и до многуте општествено одговорни компании кои помагаат во целиот процес. Ќе издржиме уште 10 дена – Аеродром ќе го исчистиме“,
вели Митески.
Тој додава дека како општина имаат поднесено кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје, како и до Министерството за внатрешни работи.
„Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, по кривичната пријава поднесена од Општина Аеродром, веќе преземаат конкретни активности со цел утврдување на одговорност која има име и презиме и таа мора да се детектира. Од страна на комунални инспектори на општината ги казнивме два пати по 80 000 евра, но попусто, кај нив не владее здравиот разум“,
рече Митески.
Претседателот на ЗЕЛС и актуелен кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вели дека денеска ќе има состанок со неговите скопски колеги околу чекорите што се преземаат за решавање на проблемот со ѓубрето.
„Денес во 14 часот ќе имам и како претседател на ЗЕЛС состанок со моите колеги, скопските градоначалници. Ќе дискутираме за чекорите коишто веќе започнавме да ги преземаме со механизација иако не е наша обврска ние не можеме да дозволиме градот да ни тоне во отпад. Да пробаме да го амортизираме она што се случува и да не дозволиме Скопје и понатаму да биде една голема депонија како што некој дозволува да се случува месеци и години наназад, за жал“,
рече Ѓорѓиевски во изјава за медиумите пред координацијата со новоизбраните советници од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ.
Во врска со проблемот со несобирањето и транспортирањето на комуналниот отпад на територијата на Град Скопје, вчера Владата ги задолжи надлежните инспекторати заедно со Министерството за внатрешни работи (МВР) да почнат координиран вонреден инспекциски надзор за да ја утврдат состојбата со комуналниот отпад, а во насока на преземање соодветни мерки и активности.
Владата, како што се наведува во соопштението, исто така, му укажува на Градот Скопје – Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето.