Основниот заштитен елемент отпечатен со оптички варијабилна боја на горниот средиштен дел од предната страна на банкнотата, заштитниот конец и водениот печат се елементите по кои може да се препознае фалсификувана банкнота
Забележана е појава на фалсификувани банкноти од 2 000 денари, објави Народната банка која го известила и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оттаму велат дека разликата помеѓу фалсификатот и оригиналот може да се забележи во хартијата. Лажната банкнота е изработена од обична двослојна хартија.

„Појавениот тип фалсификат е изработен на обична (комерцијална), двослојна хартија којашто при допир значително се разликува во дебелината, цврстината и еластичноста во однос на оригиналната хартија на која се изработуваат банкнотите. Покрај тоа, оригиналните банкноти содржат високософистицирани заштитни елементи според кои граѓаните можат да направат разлика и да ја препознаат нивната автентичност“,
велат од Народната банка.
Како да препознаете лажни банкноти?
Од Народната банка објавуваат и едукативен материјал за тоа како граѓаните може да проверат дали станува збор за вистинска или лажна банкнота.
Фалсификатот, велат оттаму, може многу лесно да се препознае доколку се обрне внимание на основниот заштитен елемент, отпечатен со оптички варијабилна боја, којшто се наоѓа на горниот средиштен дел на предната страна на банкнотата.
„Овој елемент кај фалсификуваната банкнота воопшто не ја менува бојата со придвижување на банкнотата, додека кај оригиналните банкноти, со придвижување на банкнотата под одреден агол, може да се воочи како се менува неговата боја од зелена во сина и низ елементот се појавува светлозелен прстен којшто симулира ефект на движење“,
укажуваат од Народната банка.

Понатаму, велат од банката, особено впечатлива е имитацијата на заштитниот конец, којшто е вметнат помеѓу двата слоја хартијата со видливи засеци и со придвижување на банкнотата создава лажен впечаток на делумно менување на боите. Но, доколку се набљудува малку повнимателно јасно ќе се воочи дека е имитација.

Исто така, фалсификуваните банкноти може да се препознаат доколку се обрне внимание и на водениот печат.
„Водениот печат кај овој тип фалсификат е имитиран со нанесување на основниот мотив со нијанса на жолтеникава и сива боја и е видлив, додека кај оригиналните банкноти е видлив единствено доколку ја поставиме банкнотата под извор на светлина“,
велат од Народната банка.

Слика 3