Акциите на Мајкрософт вчера беа под притисок додека технолошкиот гигант ги чекаше своите деловни резултати кои ќе ги објави денеска. Од почетокот на годината цената на акциите на Мајкрософт се зголеми за повеќе од 17 отсто, а резултатите во првиот квартал ќе покажат дали е оправдано толку силно зголемување на цената на акцијата
Во понеделникот на Волстрит се тргуваше внимателно, а берзанските индекси стагнираа додека инвеститорите ги очекуваат кварталните деловни резултати од голем број компании, што може да има значително влијание врз насоката на пазарот. Dow Jones зајакна 0,20 отсто, на 33 875 поени, а S&P 500 зајакна 0,09 отсто, на 4 137 поени. Индексот Nasdaq ослабе, пак, за 0,29 отсто, на 12 037 поени.
Стагнацијата на индексот е последица на воздржаноста на инвеститорите во пресрет на објавувањето на деловните резултати на голем број големи технолошки компании. Од почетокот на годината цените на акциите во тој сектор силно пораснаа и беа најголемиот поддржувач на растот на Волстрит. Затоа, деловните резултати на компаниите за првиот квартал претставуваат, велат аналитичарите, тест дали овој раст е оправдан.
Акциите на Мајкрософт вчера беа под притисок додека технолошкиот гигант ги чекаше своите деловни резултати кои ќе ги објави денеска. Од почетокот на годината цената на акциите на Мајкрософт се зголеми за повеќе од 17 отсто, а резултатите во првиот квартал ќе покажат дали е оправдано толку силно зголемување на цената на акцијата.
Во наредните денови финансиските извештаи ќе бидат објавени и од технолошките гиганти, како Амазон, Алфабет и Мета Платформс. Од 90 компании од индексот S&P 500 кои досега ги објавија финансиските извештаи, 77 отсто од нив оствариле поголема заработка од очекуваната.
Сепак, очекувањата не се баш сјајни. Според проценките на аналитичарите во истражувањето на Ројтерс, заработката на компаниите од индексот S&P 500 ќе биде околу 5 отсто помала во првиот квартал отколку во истиот квартал минатата година. Инвеститорите се исто така претпазливи бидејќи се очекува американската централна банка дополнително да ги зголеми каматните стапки на седницата на почетокот на мај.
Мора да се признае, инфлаторните притисоци во САД постепено се намалуваат, но не доволно, па ФЕД би можел да продолжи да ја затегнува монетарната политика. Пазарите на пари проценуваат дека има повеќе од 90 отсто шанси ФЕД да ги зголеми каматните стапки за уште 0,25 процентни поени, во опсег од 5 до 5,25 отсто.
Внимателно вчера се тргуваше и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,02 отсто, на 7 912 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,11 отсто, на 15 863 поени, а париски CAC 0,04 отсто, на 7 573 поени.