Од опозицијата велат дека изговорот дека се поклопува пописот со кампањата за изборите не држи, бидејќи пописот може да се одложи за месец ноември
Заев го пролонгира датумот за локални избори на своја рака, со надеж дека ќе го ублажи поразот, реагираат повторно од ВМРО-ДПМНЕ откако вчера премиерот посочи дека ќе се предложат законски измени со кои датумот за изборите би се поместил за да нема поклопување на кампањата и спроведувањето на пописот.
„Зоран Заев се плаши од соочување со граѓаните бидејќи му е јасен судот на народот. Затоа на своја рака без консултација со останатите партии бара поместување на датумот на локалните избори од средината на октомври. Ова е спротивно на досегашната пракса, но и кршење на Уставот на Република Македонија каде јасно се утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Изговорот дека се поклопува пописот со кампањата не држи, бидејќи пописот може да се одложи за месец ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот“,
велат од опозицијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека СДСМ до пред неколку дена ја убедувале јавноста дека локалните и пописот се процеси кои можат да течат паралелно, а сега Заев говори нешто сосема друго.
Премиерот и лидер на СДСМ вчера го спомена 31 октомври како можен датум кога би се одржале изборите, но со оглед дека мандатите на градоначалниците истекуваат кон средината тој месец тој најави дека ќе се предложат законски измени. Пописот треба да трае до крајот на септември, а доколку изборите се одржат на 17 октомври, со оглед дека нивната кампања трае 20 дена би дошло до преклопување.
„Се подготвува законско решение кое ќе номинира, како во2004 за 2005 или пролета 2017 за есента 2017, дека градоначалниците и советниците ги извршуваат функциите до изборот на новите затоа што имаме причина за одложувањето, а тоа е секако пописот кој се спроведува во септември. Не сакаме кампањата да се поклопи со пописот и секако причината е пандемијата. Ако не се промени тоа со закон изборите треба да бидат до 17 октомври и имаме поклопување на кампањата со пописот. Предлогот доминантно од партиите, ќе се изјаснат сите, е 31 октомври да биде, ако се согласат и тоа ќе биде вградено во Изборниот законик“,
изјави вчера Заев.