Посочувајќи на примерот со Курц во Австрија, од опозициската партија оценуваат дека Заев требало илјада пати досега да си даде оставка
Премиерот Зоран Заев да одговори дали со државни пари финансирал агенции за испитување на јавно мислење, кои потоа излегувале со анкети во кои тој и СДСМ имаат добар рејтинг, бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по вчерашната оставка на австрискиот канцелар Себастијан Курц, поради афера со анкети.
„Дали Заев со пари на народот платил агенција за мерење на јавно мислење за една потреба, а таа иста агенција после неколку месеци прави политичка анкета на која резултатите се поволни за него? Колку чини власта на Заев и дали народните пари се злоупотребуваат во директна политичка кампања? Дали и колку од тие агенции кои ги платила владата до сега излегле со анкета за локалните избори и дали тој резултат е во полза на Заев“,
се прашањата што ги поставува ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до медиумите.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев требало илјада пати досега да си даде оставка.
„Тоа што Заев редовно го прави во Македонија, во Австрија, која е земја членка на ЕУ, дури и да постои сомнеж за тоа, цела влада си дава оставка. Да го следеше Заев тој пример до сега требаше едно илјада пати да си даде оставка. Но кај Заев нема ништо европско. Тој дури и кога е фатен инфлагранти во криминал не дава оставка, туку се крие и бара изговори“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.