Во изјава пред Собранието, Мицевски посочи дека резолуцијата е поднесена денеска и се очекува веќе утре да се најде на дневен ред
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратеници од ВЛЕН и од ЗНАМ поднесоа „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
Од денешната изјава на Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: ВМРО-ДПМНЕ
Резолуцијата, како што соопшти Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, е составена од девет точки, со што се става крај на манипулативната тема со мигрантите, од страна на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ).
„По ширењето лажни вести, невистини и манипулации од страна на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија подготви Резолуција со која еднаш засекогаш ставаме точка на измислената тема за мигранти од СДСМ. Со оваа Резолуција потврдуваме потврдуваме дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти. Граѓаните да бидат спокојни, ВМРО-ДПМНЕ се грижи за безбедноста на народот“,
кажа тој.
Во резолуцијата, како што рече Мицевски, се осудува лажната кампања на опозициските политички партии, со кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно постоење договори, политики поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови.
„Се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти на територијата на општините во државата и дека такви активности не се и нема да бидат дел од владините политики. Се констатира дека ваквите дезинформации се шират свесно и континуирано, со цел создавање паника и нарушување на јавната стабилност, што е спротивно на правилата на поредокот, меѓу кои Кривичниот законик, Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, како и Законот за спречување и заштита од дискриминација“
вели тој.
Според него, во резолуцијата се поништуваат сите претходни аранжмани, одлуки и политики на поранешната Влада на Зоран Заев поврзани со мигрантски кампови.
Исто така, Мицевски рече дека во резолуцијата се повикува за одговорен и јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи, а се констатира и дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони.
Во изјава пред Собранието, посочи дека резолуцијата е поднесена денеска и се очекува веќе утре да се најде на дневен ред.
На новинарско прашање за резолуцијата на СДСМ и дали ја разгледале, Мицевски рече дека не веруваат во чесна намера и од таа причина ја однесуваат оваа резолуција во која се наведуваат сите потребни елементи за да се отфрлат шпекулациите што од минатата недела кружат низ државата.
СДСМ денеска ја повика власта да ја потпише нивната резолуција, која експлицитно забранува носење мигранти, истакнувајќи дека ДПМНЕ – ЗНАМ веќе една недела одбегнува да го стори тоа.
Според СДСМ, со поднесувањето на контрарезолуцијата, коалицијата ДПМНЕ – ЗНАМ го потврдила постоењето на договорот „мигранти за пари“. Партијата обвинува дека во контрарезолуцијата нема јасна одредба за забрана на носење мигранти од Британија за пари, туку дека тие се кријат зад термини како „економски работници“ или „нелегални мигранти“.
Мицевски вчера на прес-конференција ја претстави „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарски прашања околу тоа дали е можно да се најде заедничко решение со оглед на тоа што и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ најавуваат поднесување резолуција во Собранието, рече дека станува збор за тема што не постои.
Мицкоски вели дека и тој како премиер, но и министерствата за внатрешни работи и за надворешни работи веќе кажале дека ниту се водени разговори, ниту „на памет ни паѓа такво нешто“.
Тој побара Обвинителството да се позанимава со изјавите на СДСМ околу мигрантите оценувајќи дека станува збор за своевиден вид насилство – создавање немир и паника кај граѓаните.