„Ова е дијагноза на системот – болен, трул, партизиран до коска. Судии кои не се водат од закон, туку од партиска лојалност. Совет што не штити правда, туку крие срам“, се вели во реакцијата на владејачката партија
Судскиот совет попладнево на својата веб-страница го објави наодот на работната група што телото ја формира за да го испита постапувањето на судовите во конкретниот предмет. Заклучокот на Советот е дека судијата Ферати не можел да досуди повисока казна, затоа што тоа го забранува членот 428 од Законот за кривична постапка
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ попладнево упати жестока реакција во врска со известувањето на Судскиот совет кој утврди дека судијата Елмедин Ферати не можел да му досуди повисока казна на обвинетиот Менсур Пајазити, кој пред речиси три години смртно ја прегази 22-годишната тетовчанка Теодора Ристовска.

„Судскиот совет денес ја обелодени вистината – за нив, животот на Теодора вреди две години затвор. Тоа е нивната ‘правда’. Срамна, понижувачка и целосно дискредитирана. Да биде појасно: Сите членови на овој Совет се избрани од СДС и ДУИ, во времето на Заев и Филипче. Тоа е нивниот Совет. Нивната мрежа. Нивниот инструмент за заштита на своите и покривање на криминалот“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката партија, не станува збор за изолиран случај.
„Ова е дијагноза на системот – болен, трул, партизиран до коска. Судии кои не се водат од закон, туку од партиска лојалност. Совет што не штити правда, туку крие срам. Кога велиме ‘калуѓери што мрсат и во петок’, мислиме на лицемерие без граници. Морален распад. Луѓе без срам кои носат одлуки со кои се убива надежта дека правдата постои. Но нема да остане така. Овој систем ќе падне. Ќе има независен судски систем, ќе има правда. Ќе има одговорност“,
порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Судскиот совет попладнево на својата веб-страница го објави наодот на работната група што телото ја формираше за да го испита постапувањето на судовите во конкретниот предмет.
Заклучокот на Советот е дека судијата Ферати не можел да досуди повисока казна, затоа што тоа го забранува членот 428 од Законот за кривична постапка во кој се вели дека:
„Ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот, пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција“
Имено, Менсур Пајазити во првиот судски процес пред Основниот суд во Тетово, за прегазувањето на младата Теодора Ристовска пред речиси три години со првостепена пресуда е осуден на три години и шест месеци затвор. Тоа било на 30 ноември 2023 година.
Казната на две години ја намалува Апелацискиот суд во Гостивар во жалбената постапка што ја иницира обвинетиот преку својот бранител. Во текот на второстепената постапка, Вишото јавно обвинителство Гостивар предложило жалбата на Пајазити да се одбие како неоснована, но на јавната седница го менува предлогот и излегува со нов – да се уважи жалбата и на обвинетиот да му се изрече поблага кривична санкција.
Апелација му пресудува две години затвор на Пајазити, но тој поднесува барање до Врховниот суд за преиспитување на првостепената пресуда на Основниот суд Тетово од 30 ноември 2023 година и на пресудата на гостиварска Апелација од 16 април, лани.
Врховниот суд одлучува да ги укине двете пресуди и предметот да го врати на повторно судење во Основниот суд во Тетово, каде во повторениот судски процес, кој почна и заврши во понеделникот, на Менсур Пајазити, судијата Ферати му пресуди две години затвор.