Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, уште пред да биде усвоена, го релативизира значењето на резолуцијата на германскиот парламент со која треба да се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик во процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Она што може да се заклучи од експлицитниот наратив на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето на ТВ Сител пред неколку дена, тој бара гаранции за македонскиот идентитет и јазик од Европската Унија, конкретно од лидерите на сите 27 земји членки, меѓу кои и Бугарија. „Со Берлин ние никогаш сме немале проблеми околу нашиот идентитет. Ние не го правиме ова за да влеземе во заедница со таа земја членка на ЕУ, ние зборуваме за членство на Македонија во рамките на Европската Унија“, вели Мицкоски

Германскиот парламент – Бундестагот, в четврток, 15 јуни, се очекува да усвои резолуција со која се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на патот на земјата кон Европската Унија. Иницијативата за резолуцијата ќе биде на дневен ред на седницата на Бундестагот на која ќе се расправа за процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, а најавата за дебатата на интернет-страницата на германскиот парламент за дебата е илустрирана со сложувалка во која еден дел од знамето на ЕУ е државното знаме на земјава.
Своите очекувања од расправата за усвојување на резолуцијата во интервју за „360 степени“ ги потврдија пратениците Томас Хакер од редовите на либералите и Борис Мијатовиќ од зелените, двајцата дел од владејачкото мнозинство. Нивните очекувања се дека резолуцијата ќе добие поддршка и од опозициските демохристијани од ЦДУ.
Но, прашањето што се наметнува во моментов е како нејзиното усвојување ќе се рефлектира на домашната политичка дебата за уставните измени. Ова дотолку повеќе што едно од барањата што опозициската ВМРО-ДПМНЕ подолг период ги повторува е добивање гаранции од меѓународните партнери на Северна Македонија за македонскиот идентитет и јазик. Ова барање е дел од корпусот предлози што опозициската партија го презентира под графата – Предлог 2 по лидерската средба на Мицкоски со премиерот Димитар Ковачевски.

Најавената резолуција на Бундестагот утрово отсуствуваше од партиските соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ на темата уставни измени и нивните прозивки до СДСМ.
Сепак, партискиот став за ова прашање веќе можеше да се слушне од лидерот Мицкоски, кој во гостување на ТВ Сител во петокот, кога, меѓу другото, беше прашан и за изјавата на Ковачевски од 7 јуни, во која премиерот на прес-конференцијата по лидерската средба информираше дека една од најголемите земји членки на ЕУ ќе донесе резолуција со која ќе го потврди македонскиот идентитет и јазик.
Она што може да се заклучи од експлицитниот наратив на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, партијата бара гаранции за македонскиот идентитет и јазик од Европската Унија, конкретно од лидерите на сите 27 земји членки, меѓу кои и Бугарија. Ние никогаш, рече Мицкоски, не сме имале проблем со Берлин околу нашиот идентитет.
„Ние не го правиме ова за да влеземе во заедница со таа земја членка што ќе ги донесе тие гаранции. Инаку, неофицијално се зборува за Сојузна Република Германија дека ќе биде таа држава. Ние сега зборуваме за процес на членство на Македонија во рамките на Европската Унија, затоа ние сме многу внимателни кога зборуваме за гаранции, за потврда од страна на европските институции. Инаку, секоја ваква иницијатива е добредојдена и ја поздравуваме, аплаудираме на истата, ви благодариме за поддршката, но ние никогаш не сме имале проблем со официјален Берлин околу нашиот идентитет, јазик итн. Исто како што немавме никаков проблем да бидеме стратешки партнери со Соединетите Американски Држави, со Турција кога добивме вето на Самитот (на НАТО) во Букурешт во 2008 година. Па, години потоа знаете што се случи. Така што, сите овие обиди се добредојдени, ги прегрнуваме, се заблагодаруваме сите како народ, но ние никогаш не сме имале проблем со нив и нашата амбиција не е да влеземе во заедница со Сојузна Република Германија“,
рече Мицкоски во гостувањето во „Дневникот“ на ТВ Сител на 8 јуни.
На оваа тема лидерот на ВМРО-ДПМНЕ зборува од 19 минута до 21 минута и 15 секунди.
На дополнително прашање за потврда на ставот дека за ВМРО-ДПМНЕ е важно сите земји членки да се изјаснат во однос на македонскиот идентитет, Мицкоски кажа:
„Апсолутно. Видете, како велат тие – сите сме против однесувањето, но една земја членка е проблем. И сега се надевам, бидејќи сите нам ни велат: видете, понатаму веќе никој нема да ви става вето само вие ова прифатете го. А, нашиот став беше: дајте ни гаранции дека ова е последното и гарантирајте го нашиот идентитет. Еве, на овој начин, ќе видиме дали проблемот на нашиот источен сосед е со идентитетот на Македонецот или има некаков друг тип на проблем“.
На идентична линија е и членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, Антонијо Милошоски, кој во пресрет на седницата на Бундестагот во изјава за МКД.мк се навраќа на резолуција на Бундестагот од 2004 година со која се барало користење на уставното име во тоа време – Република Македонија, во билатералната комуникација со Германија.

„Резолуцијата беше многу добра и со истата се бараше почитување на уставното име како еден од националните симболи на секоја суверена држава. Но, резолуцијата не беше обврзувачка за владата на официјален Берлин и нејзината примена никогаш не се случи“,
вели Милошоски.