Агелер, во вчерашното интервју за ТВ 24, прашана дали ќе побара од Мицкоски да го види планот за односите со Бугарија кој, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе го изложат во предизборната програма, рече дека ако тој сака да го сподели со неа, таа со задоволство би го видела, но смета дека е многу поважно за гласачите и граѓаните на оваа држава да го слушнат и да го видат тој план
ВМРО-ДПМНЕ е свесна за заинтересираноста за планот (на партијата н.з.) по кој Македонија треба да го продолжи евроинтегративниот пат, затоа што после сите манипулации и лажни ветувања што ги дадоа СДСМ и ДУИ единствена надеж е да понудиме чесен и и достоинствен пристап на оваа тема.
Вака денеска од опозициската партија, одговарајќи на новинарско прашање, ја коментираат пораката која вчера во телевизиско интервју ја испрати амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер, која е во созвучје со онаа што претходно го кажа помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан. Пораката на двајцата американски дипломати е дека граѓаните на земјава заслужуваат и треба да го слушнат планот што го нуди опозицијата за односите со Бугарија и за патот напред кон ЕУ.
Од партијата и денеска изјавија дека на изборите коишто следуваат ќе го понудат решението кое, како што велат, пред сè значи „Европска Унија за Македонија преку интеграција и идентитет“.
„Како политичка партија потврдивме дека на изборите коишто следат ќе го понудиме решението кое пред сè значи Европска Унија за Македонија преку интеграција и идентитет. Интеграција значи без двојни критериуми разговор за човековите права, и кога веќе се отвора ова прашање треба да се зборува и за човековите права на Македонците и без удари врз македонскиот идентитет какви што досега сме имале многу“,
изјави на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање.
Агелер, во вчерашното интервју за ТВ 24, прашана дали ќе побара од Мицкоски да го види планот за односите со Бугарија кој, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе го изложат во предизборната програма, рече дека ако тој сака да го сподели со неа, таа со задоволство би го видела, но смета дека е многу поважно за гласачите и за граѓаните на оваа држава да го слушнат и да го видат тој план.
„Важно е да ги видат и деталите за секој план кој би ги решил тековните проблеми со другите земји, со предизвиците на земјата. Се надевам дека гласачите во земјата бараат од сите кандидати многу јасно да разберат кои се нивните планови за во иднина и како се надеваат дека ќе ги спроведат“,
рече Агелер.
Партнерството меѓу САД и Северна Македонија, како што кажа таа, ќе продолжи, иако како што додаде, Соединетите Држави би биле разочарани ако не се донесат уставните измени кои се услов за продолжување на преговорите со Европската Унија со отворање на поглавјата и кластерите во преговарачкиот процес.
„Нашите односи, нашето партнерство е стратешко партнерство со оваа земја и не зависи од тоа. Дали ќе бидеме разочарани? Апсолутно. Но, партнерството што го имаме со Северна Македонија е нешто што трае од независноста на земјата и тоа ќе продолжи. Вие сте НАТО сојузник. А тоа не се менува, па затоа оваа врска е силна. Ви ветувам дека ќе направиме се што е во наша моќ овде во Амбасадата на САД, секој ден, да и помогнеме на земјата да ги исполни своите европски аспирации“,
кажа вчера американската амбасадорка во земјава.
Околу функционирањето на техничката влада таа рече дека очекува, како и секоја влада, таа да работи во полза на граѓаните. Во контекст на ова прашање таа го искометира и тоа што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не глсаа за изборот на преодната влада на чело со Талат Џафери.
„Да, беше разочарувачки што ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за Владата. Но, сепак поставија свои министри на соодветните места, како и заменик-министри во другите министерства, така што се надевам дека техничката влада ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните на оваа земја. Досега покажаа дека ќе го сторат тоа. Се надевам дека ќе продолжат“,
рече Агелер.
Претходно на 22 јануари, шефот на американската дипломатија за Европа, Џејмс О’Брајан на прес-конференција во Скопје, по состанокот на лидерите на земјите од Западен Балкан посветен на Планот за раст на ЕУ за регионот, рече оти е фер граѓаните да побараат од ВМРО-ДПМНЕ да понуди нон-пејпер во кој ќе ја објасни визијата за патот напред.
Пораката О’Брајан ја упати одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали се точни информациите дека меѓународниот фактор притиска да биде потпишан нон-пејпер на политичките партии на Албанците со кој ќе се обврзат да не коалицираат со партија која шест месеци по изборите нема да спроведе уставни измени.
„Ми кажаа дека ќе ме прашаат за нон-пејпер. Не знам за нон-пејпер и би сакал да се задржам на она што го кажав во ноември кога бев во Скопје, како и денеска. Сметаме дека граѓаните на Северна Македонија треба да решат за патот за напредок. Мислам дека една партија (СДСМ, н.з.) даде предлог за напредок и трпи критики затоа што некои луѓе го сакаат или не го сакаат. Друга партија (ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) ветува дека ќе изнајде начин за патот напред и мислам дека можеби е фер граѓаните да побараат од таа партија да понуди нон-пејпер во кој ќе објасни која е нејзината визија и потоа ќе можете да решите меѓу визијата која ја знаете и нешто што е ветување“,
рече О‘Брајан.
На неговата порака од ВМРО-ДПМНЕ тогаш одговорија дека партијата секогаш била проевропски ориентирана, а во однос на главното прашање со Бугарија, има прецизни решенија кои ќе бидат дел од изборната програма.