„ВМРО-ДПМНЕ има прецизни решенија кои ќе бидат дел од изборната програма, каде што до граѓаните ќе понуди решенија и за сите други прашања за кои тие се повеќе заинтересирани, како што се решенија за економски раст, справување со инфлацијата, решенија за силна економија, решенија за поквалитетно образование, за безбедно и достапно здравство, за борба со криминалот и корупцијата, решенија за справување со мафијата“, изјави денеска партискиот портпарол Наум Стоилковски
ВМРО-ДПМНЕ секогаш била проевропски ориентирана, а во однос на главното прашање со Бугарија, партијата има прецизни решенија кои ќе бидат дел од изборната програма.
Ова е одговорот од опозициската партија на новинарските прашања за коментар на пораките што вчера во Скопје ги упати американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, кој рече дека фер е граѓаните да побараат нон-пејпер од ВМРО-ДПМНЕ за нејзината визија за патот напред.
Партискиот став во однос на барањата за коментар за изјавите на О’Брајан го соопшти портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„ВМРО-ДПМНЕ докажано секогаш била проевропски ориентирана, а во однос на главното прашање со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ има прецизни решенија кои ќе бидат дел од изборната програма, каде што до граѓаните ќе понуди решенија и за сите други прашања за коишто граѓаните повеќе се заинтересирани, како што се решенија за економски раст, справување со инфлацијата, решенија за силна економија, решенија за поквалитетно образование, за безбедно и достапно здравство, за борба со криминалот и корупцијата, решенија за справување со мафијата… затоа што никогаш не било полошо. Важно е да ги поразиме“,
рече Стоилковски.
Инаку, шефот на американската дипломатија за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, вчера на прес-конференцијата со премиерот на новинарско прашање – дали се точни информации дека меѓународниот фактор притиска да биде потпишан нон-пејпер на политичките партии на Албанците со кој ќе се обврзат да не коалицираат со партија која шест месеци по изборите нема да спроведе уставни измени, одговори дека фер е граѓаните да побараат од ВМРО-ДПМНЕ да понуди нон-пејпер во кој ќе ја објасни визијата за патот напред.
Во однос на интеграциите, американскиот дипломат рече дека интерес на САД е да ги видат земјите од регионот како се приближуваат кон интеграцијата во ЕУ.
„Ние сме посветени на тоа Северна Македонија и САД да продолжат да соработуваат на патот на земјата кон Европа. Граѓаните на земјава ќе имаат јасен избор во наредните месеци меѓу јасна визија која знае како да оди кон Европа и нешто друго. Граѓаните ќе треба да изберат. Од перспектива на САД, многу сакаме Северна Македонија, што е можно побрзо, да стане дел од ЕУ“,
изјави О`Брајан вчера во Скопје, на прес-конференцијата со Ковачевски по состанокот на лидерите на земјите од Западен Балкан посветен на Планот за раст на Европската Унија.
Прашан за пораките од О‘Брајан кажани во интервјуто за „360 степени“ во ноември, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „360 степени“ во декември рече дека новинарот му поставил наведувачко прашање на американскиот дипломат манипулирајќи со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ. О‘Брајан вчера повтори дека останува на кажаното во ноември.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неодамна во телевизиско интервју кажа дека уставните измени вакви какви што се партијата нема да ги поддржи ниту сега, ниту во иднина, но додаде дека по изборите и формирањето на новата влада партијата е подготвена да се сретне со властите во Софија и да разговара за изнаоѓање решение.
„ВМРО-ДПМНЕ е подготвена по формирањето на новата влада да седне со властите во Софија и да разговара да видиме, доколку има желба од таа страна, како ќе излеземе од оваа мртва состојба во којашто оваа влада и авантурите на (Бујар) Османи, на (Димитар) Ковачевски и (Стево) Пендаровски ја доведоа Македонија во евроинтегративниот процес“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето дали е можно по изборите да имаме нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која нема да ја има неприкосновената поддршка на меѓународната заедница бидејќи сите дипломати од ЕУ и од Вашингтон беа јасни дека услов за продолжување на евроинтегративниот пат се уставните измени и дека нова Преговарачка рамка не е возможна, Мицкоски рече оти не верува дека ЕУ не би поддржала влада која што е избрана од народот.