Според партијата, особено е индикативно што одлуките кои ги критикува Ристоска, доаѓаат во момент „кога конечно се воспоставува ред и се применува правото, без привилегирани толкувања од тесен круг на поединци кои со години се обидуваа да го монополизираат јавниот интерес“

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира на оставката на обвинителката Ленче Ристоска велејќи оти овој чин не е морален гест, туку резултат на лично разочарување поради тоа што Ристоска не била избрана за државен јавен обвинител.
Од партијата посочуваат дека Ристоска до пред само еден месец тврдела дека институциите се подготвени за реформи, за веднаш по нејзиниот неизбор да ги прогласи за заробени.
„Очигледно времето за кое зборувала, важело само доколку исходот од изборот е по нејзина мерка. Во моментот кога институциите постапија согласно закон и не ја потврдија нејзината кандидатура, истата таа визија за силно и независно обвинителство одеднаш исчезна и се замени со наратив за наводни притисоци и загрозен интегритет“,
се вели во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата потсетува на минатото на Ристоска во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), нарекувајќи го „машина за политички прогон“.
Партијата обвинува дека тимот на Катица Јанева, во кој беше и Ристоска, земал високи хонорари додека спроведувал селективна правда.
Тие се повикуваат на изјава на обвинителката Лејла Кадриу за наводни вечерни посети на поранешниот премиер Зоран Заев и на Радмила Шеќеринска во СЈО на Катица Јанева, Ленче и Лиле Стефанова и селектирале предмети за политички прогон.
Според партијата, особено е индикативно што одлуките кои ги критикува Ристоска, доаѓаат во момент „кога конечно се воспоставува ред и се применува правото, без привилегирани толкувања од тесен круг на поединци кои со години се обидуваа да го монополизираат јавниот интерес“.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека треба да се знае дали оставката е чин на принципиелност или политички перформанс насочен кон градење личен наратив на жртва.
„Вистинската борба за владеење на правото не завршува со избор или неизбор на функција, таа почнува токму тогаш. Наместо декларативни заложби, на институциите им се потребни луѓе кои ќе работат доследно, без оглед на личниот исход. Сè друго е само уште една потврда дека за дел од нив правдата била прашање на позиција за контрола, а не на принцип“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Јавната обвинителка Ленче Ристоска денеска поднесе оставка од функцијата. Ваквиот потег доаѓа како резултат на, како што вели таа, долгогодишните притисоци, опструкции и неодамнешните одлуки на Советот на јавни обвинители и државниот јавен обвинител со кои ѝ се одземаат предмети на кои работи изминатите години.
Ристоска во писмото упатува критики до системот, посочувајќи дека нејзиниот интегритет бил директно нападнат.
Таа во својата изјава детално ги образложува мотивите за повлекувањето, нагласувајќи дека нејзината работа на предмети кои го таргетираат врвот на моќта ја направила мета.
