ВМРО-ДПМНЕ, откако официјално ќе го добие тој документ, ако воопшто има основа за разгледување, ќе го изанализира и ќе излезе со свој став, изјави портпаролот на опозициската партија, Наум Стоилковски, откако денеска владејачката коалиција објави Манифест во кој повикува политичките лидери, со потпишување на документот, да се обврзат на ефикасно водење на преговорите за пристапување во Европската Унија

Со овој чекор власта уште еднаш ја испушта можноста за консензус. Вака одговори портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, прашан за Манифестот на владејачката коалиција – дали ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да се вклучи во обединувањето околу членството во Европската Унија и дали за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив ваков документ?
„Имено, седнале Бујар Османи, Артан Груби и можеби Бојан Маричиќ, напишале документ кој го насловиле манифест и откако самите го дефинирале, го пуштаат во форма на соопштение преку сервисната служба на СДС до јавност со повик ВМРО-ДПМНЕ да прифати веќе напишан документ. Освен тоа што со овој чекор тие признаваат дека не мрднале ниту милиметар во насока на остварување на стратешките интереси на државата, тие покажуваат и отсуство на целосен капацитет за градење на консензус. ВМРО-ДПМНЕ, откако официјално ќе го добие тој документ, ако воопшто има основа за разгледување, ќе го изанализира и ќе излезе со свој став“,
рече Стоилковски.
За иницирањето на Манифестот денеска речеси во исто време преку писмени соопштенија информираа од СДСМ и од Демократската унија за интеграција (ДУИ), од каде што повикуваат дека е време за обеднување на сите политички лидери преку потпишување на Манифестот, со кој сите заедно ќе се обврзат за ефикасно водење на преговорите за пристапување во Европската Унија.
Имајќи предвид дека преговорите за членство во ЕУ ќе се водат во различни собраниски и владини состави, во Манифестот се наведува: „…ја потврдуваме потребата од воспоставување на засилена соработка помеѓу сите политички партии застапени во Собранието која ќе се остварува постојано без разлика од составот на владејачкото мнозинство“.
На крајот од Манифестот иницијаторите повикуваат Собранието да ги усвои уставните измени за автоматско и безусловно одржување на втората Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, без дополнителни одлуки од страна на земјите членки.