Според Анастасија Илиеска од ВМРО-ДПМНЕ, ако заемот беше направен во март, каматите ќе беа пониски, државава ќе заштедеше, а секој граѓанин ќе плаќаше помалку
Владата повторно ја задолжи Македонија на меѓународниот пазар преку издавање еврообврзница, вредна 700 милиони евра. На овие средства стапката на принос е 3,95 отсто, што значи околу 166 милиони плус камата на овие средства, кои сите ние ќе треба да ги враќаме во рок од шест години, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според Анастасија Илиеска од ВМРО-ДПМНЕ, ако заемот беше направен во март, каматите ќе беа пониски, државава ќе заштедеше, а секој граѓанин ќе плаќаше помалку.
„Цената за ненавремените и неправилни одлуки во економијата за време на криза ќе ја плаќа секое семејство, и тоа по 1 500 евра до крајот на оваа година. Дополнително, во следните неколку години, граѓаните и нивните поколенија ќе плаќаат и камата на тие пари. За апсурдот да биде поголем, за задолжување од 1 500 евра по семејство за само една година, Владата најави ваучер од 150 евра за еднократна употреба за најранливите категории на граѓани“,
вели Илиеска.
Растечкото задолжување, како што вели, до крајот на годината ќе изнесува 1 милијарда и 50 милиони евра. Со тоа јавниот долг, како дел од БДП, за една година ќе порасне на седум проценти.
„И покрај ваквото огромно задолжување, реализацијата на капиталните проекти за првите четири месеци од оваа година е 13 отсто. Во првите три месеци од годинава, оваа влада вешто направи буџетска дупка од 200 милиони евра, средства за кои ќе треба да се задолжуваме и години понатаму да ги отплаќаме. Најголем дел од овие средства се потрошени уште пред здравствената криза, а со самото тоа не се потрошени за справување со истата“,
рече Илиеска.
