Опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно ја обвини власта за лошо менаџирање на епидемијата со коронавирусот, при што се посочува дека додека таа во повеќето земји од регионот спласнува, во Македонија се шири.

Од опозициската партија ја обвинија власта дека го крие бројот на починати и за мал број тестирања.
„Евидентирани се 17 новозаболени и двајца починати за 24 часа. Дополнително, евидентен е хаосот, па така починати лица од коронавирус се кријат, па под притисок на јавноста се објавуваат после ден или два. Македонија поради неспособноста на власта и партиските калкулации на Заев и Филипче е земја која најмалку тестира граѓани во регионот, а е рекордер по смртност на милион жители, повеќе од Албанија, Бугарија и Грција заедно“,
се вели во соопштението.

„СДСМ како одговорна партија во овој важен период има три приоритети -заштита на здравјето на граѓаните, брза трансформација на економијата и функционални институции, како гарант за силна демократија“,
велат од владејачката партија.
Во тој контекст од СДСМ посочуваат дека токму затоа предвремените парламентарни избори, кои веќе се распишани и еднаш одложени, треба да се одржат во првиот можен термин, а предизборната кампања и гласањето да бидат усогласени со заштитните протоколи, бидејќи сите параметри и официјални податоци покажуваат дека епидемијата е ставена под контрола.
Ја обвинија опозицијата за деструктивно и неодговорно однесување.
„Избори мора да има заради здравјето на граѓаните, заради новата економија, заради институциите кои треба да им служат на граѓаните во оваа држава“,
се вели во соопштението од СДСМ.
