Опозицискиот СДСМ обвини дека бегството, но и враќањето на поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби, биле политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ
Во СДСМ се нервозни и фрустрирани зошто Артан Груби е уапсен и сега може да изнесе податоци за аферите и криминалите за кои здружено работеа со Зоран Заев, Вице Заев, Оливер Спасовски, Венко Филипче.

Ова е реакцијата на владејачката партија откако опозицискиот СДСМ обвини дека бегството, но и враќањето на поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби, биле политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
„Ги разбираме од СДС, тие се нервозни и фрустрирани зошто Артан Груби е уапсен, и сега може да изнесе податоци за аферите и криминалите за кои здружено работеа со Зоран Заев, Вице Заев, Оливер Спасовски, Венко Филипче. Затоа од СДС се обидуваат да ги затскријат трагите и на овој начин да се спасат себеси“,
велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција во седиштето на партијата оцени дека по повеќе од една година бегство, Артан Груби ќе се соочи со правдата.

„Криминалот на Груби достигна вредност од над 8 милиони евра, а има индиции дека оваа сума може да надмине десетици милиони евра – пари украдени од граѓаните. Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на ‘Државната лотарија’ освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници. За целиот овој криминал на Груби знаеше и СДС, но само за да не му пропадне коалицијата и да му потрае власта, молчеше и го одобруваше, со што стана соучесник“,
рече Петрушевски на денешната прес-конференција.
Ексвицепремиерот и министер Артан Груби беше приведен рано утринава откако се појави на македонско-косовскиот граничен премин „Блаце“.
