Според партијата на власт, Македонската навигација како институција функционира професионално и работи по стандарди и прописи
Во Македонската навигација (М-НАВ) се вработуваа лица, чија единствена квалификација беше што се роднини на функционери на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и на Демократската унија за интеграција (ДУИ). Ова е денешната реакција на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ и ДУИ дека власта вработува лица во М-НАВ што се блиски до нејзините функционери.
Од партијата на власт велат дека во времето на СДСМ во М-НАВ се вработувале партиски послушници, што потоа ги тепаа контролорите на летање.

„СДС ги вработи Ветон Кадри, син на пратеничката Шпреса Кадри, Антонио Кочовски, зет на тогаш првиот човек на СДС од Охрид, Лазе Танески, роднина на ескминистерот Горан Сугарески. Блиски роднини на СДС се избрани и за претседател на Управен одбор на М-НАВ, кога беше поставен Николче Тасески, зет на ексминистерката Тената Дескоска. Таму е вработен и синот на Стевчо Јакимовски, а вработена е и братучетка на ексминистерката Јагода Шахпаска. Роднини на ескминистерот Љупчо Николовски беа именувани за членови на Комисијата за прием на работа во М-НАВ“,
се вели во реакцијата од владејачката партија.
Оттаму додаваат дека е завршено времето кога М-НАВ беше дувло за вработување на најблиските семејства на врвните функционери на СДСМ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Македонската навигација како институција функционира професионално и работи по стандарди и прописи.
Порталот „Сакам да кажам“ (СДК.мк) вчера објави дека на огласот за вработување во Македонската навигација (М-НАВ) се избрани лица блиски до владејачката партија, како Ивана Југ, сопруга на починатиот Игор Југ, еден од осудените за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017 година; Атанас Стамнов, сопруг на директорката на Централниот регистар на Македонија; и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓорѓиев.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) побара итно поништување на спорниот оглас за вработување М-НАВ, обвинувајќи ја владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ дека врши партизација на институцијата што се грижи за безбедноста на авиосообраќајот.