„ВМРО-ДПМНЕ ќе ја извести мисијата на ОБСЕ/ОДИХР дека претседателот на СДСМ Зоран Заев ги злопотребува државните институции за партиски цели“, најавуваат од партијата во соопштение до јавноста.
Од таму прашаа во кое својство Заев денеска беше во градинка и во посета на клиничкиот центар во Штип.
„ Детските градински се затворени за деца, а отворени за Заев што претставува груба злоупотреба која најостро ја осудуваме. Зоран Заев злоупотреби институција каде одат мали дечиња во изборна кампања. ВМРО-ДПМНЕ ја осудува злоупотребата на детската градинка од страна на Зоран Заев за политички и партиски цели. ВМРО-ДПМНЕ прашува во кое својство се појави таму Зоран Заев и во кое својство го посети клиничкиот центар во Штип. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги извести мисиите на ОБСЕ и ОДИХР за злоупотребата на Заев на овие државни институции за партиски цели. Недозволиво е градинките да се затворени за деца, а отворени за Заев. “,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев денеска беше во посета на Штип заедно со неговите сопартијци Љупчо Николовски и Венко Филипче. На својот профил на Фејсбук, тој сподели фотографии од неколку локации меѓу кои Клиничкиот центар, градинката „Виножито“, мостот на реката Брегалница, пречистителната станица во Карбинци…
„Во Штип резултатите од нашата работа во инфраструктурата се очигледни. Работиме одговорно, посветено и домаќински, со темелен пристап и голема сериозност“,
напиша Заев.