Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, зборувајќи за молкот од владата по протекувањето на францускиот предлог во јавноста, рече дека тоа било дел од државната стратегија, но и дека имало обиди за хибридни напади, со цел да се наруши таа стратегија
ВМРО-ДПМНЕ денеска побара од Владата да каже за каков хибриден напад обвинуваат и зошто тој не бил спречен.
„Дали владата на Ковачевски прави дефокус од одговорноста за продажбата на државните интереси? Што точно подразбираат, Османи и Маричиќ под хибриден напад во државата? Доколку навистина имало напад врз државата, доколку како што вели Османи имало хибриден напад мора да има одговорност, бидејќи не било спречено на време и државата била нападната. Додека на Димитар Ковачевски за тоталниот неуспех во преговорите и неуспехот во распродажбата на државните интереси му се виновни експертите и граѓаните, на Бујар Османи и Бојан Маричиќ им е виновен хибридниот напад врз државата. Најголем хибриден напад кој и се случува на државата е токму владата на СДСМ и ДУИ, предводена од Ковачевски“,
се вели во партиското соопштение.
Од опозициската партија обвинуваат дека Македонија доживеа тотален дебакл и трајно нарушување на преговарачките позиции со Бугарија заради ненародната и неспособна власт предводена од СДСМ и ДУИ.
„Токму вчера излезе на виделина она кое што денови го потенцираме, дека Ковачевски, Османи и Маричиќ го преговарале и договарале, повеќе од шест месеци, овој штетен предлог за Македонија, кој на крај и го прифатиле, за подоцна да се повлечат после притисокот на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните. Целиот план на Ковачевски, Османи и Маричиќ им бил преку блиц криг предлогот веднаш да помине во бугарското Собрание, што е одолговлечено поради оставката на бугарската Влада, а потоа и блиц криг операција за поминување на овој предлог во Македонија, преку креирање на еуфорија за почеток на преговорите“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ и бараат одговорност – оставки од Османи и Маричиќ, а сметаат дека решение се избори.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, зборувајќи за молкот од владата по протекувањето на францускиот предлог во јавноста, рече дека тоа било дел од државната стратегија, но и дека имало обиди за хибридни напади, со цел да се наруши таа стратегија.
„За жал, имаше обиди за хибридни напади. Имаше луѓе од овде што се обидуваа, се јавуваа кај министри, кај политички партии, со лажни информации за да се обидат да ја нарушат оваа државна стратегија. Доколку се докаже дека тоа е дел од некоја поорганизирана шема за да се наруши државната позиција, тоа веќе покренува сосема друго прашање“,
изјави Османи.
Тој рече дека притоа не мисли за новинарите и аналитичарите, кои, како што посочи Османи, во недостиг на информации биле принудени да создадат свој наратив.