Од најголемата владејачка партија, по завршувањето на изборот на претседател во опозициската СДСМ, обвинија и дека старо-новиот лидер е само продолжена рака на Зоран Заев
Дебакл. Така од владејачката ВМРО-ДПМНЕ го оценија денешниот избор на претседател во опозицискиот СДСМ. Венко Филипче беше единствен кандидат, а тој според власта бил само потрчко на Зоран Заев, поранешниот претседател на партијата и своевремено премиер.

„За трагедијата да биде уште поголема, регистрирани беа 23 712, а само 18 илјади члена го поддржаа Филипче. Тоа само зборува дека Филипче нема кредибилитет во СДС. Само 18 илјади луѓе сметаат дека Венко треба да ја води СДС. Истиот Венко, кој не одговараше за модуларна болница, за набавката на ковид-вакцини од фантом-фирма ‘Старби’, кој лажно вакцинира член на фамилијата за пи-ар, работеше за богатење на својот ментор Заев кој сега гради згради по Дубаи“,
велат од владејачката партија
Венко Филипче доби четиригодишен мандат на денешните внатрепартиски избори. За него гласаа околу 18 000 члена на СДСМ, што е помалку во споредба со претходни циклуси, како на пример кога Зоран Заев во 2021-та доби околу 59 000 гласа. Но и личниот број на гласови и бројот на членови кои излегоа да гласаат денеска е повисок од претходните избори, кои се одржаа набргу по катастрофалниот пораз на тогаш владејачката партија на парламентарните избори во мај 2024-тата. Тогаш Филипче доби 9 000 гласа, а според бројот на гласови за другите кандидати и неважечките ливчиња, на изборите излегоа околу 13 000 члена.