Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за утре најавува протести во седум градови низ земјава. Како што велат, ќе протестираат на тема „криминалот, корупцијата, неправдите и прогонот“.
Протестите се закажани за 18:30 во Скопје, Велес, Охрид, Куманово, Прилеп, Штип и Битола. Протестите ќе се одржуваат со возила.
„Македонија стана земја на криминалци, мафијаши на власт и неправда. Има за врхушката на власт, а нема за народот. Прогонот на политички неистомисленици стана секојдневие од страна на власта, која пак го прикрива стравот од казната која им следи од народот. Криминалот и корупцијата на власта се сериозни проблеми со кои се соочува државата, а вмешаноста во корупциски скандали и афери на луѓе од власта и блиски до Заев стана нормалност“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ во најавата за протестите.
Протестот со возила на територија на Град Скопје ќе започне од СЦ Јане Сандански, па се до Владата.