ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека во постапката за набавката на респираторите има сомнеж за милионски криминал и одговорноста ја посочува директно кај министерот за здравство, Венко Филипче.
Од друга страна пак, од Министерството за здравство (МЗ) велат дека наводите не се точни и дека се замајува јавноста со непостоечки скандал.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, вели дека на повикот за набавка на респиратори се јавиле 9 фирми од кои две биле избрани на сомнителен начин.
„По објаснувањето на Филипче другите 7 се декласирани, затоа што се изјасниле дека не можат да ги набават респираторите во предвидениот рок од 30 дена. Според одлуката двете компании се обврзуваат да извршат набавка. „Соникс“ се обврзала да набави еден респиратор за 24.839 евра и шест за 149.034 евра, додека останатите 20 требало да ги набави за 496.780 евра. Втората фирма „Винора“ требало апаратите за дишење да ги набави за 30 дена, од кој еден апарат чини 25.000 евра. По ова Филипче неколку пати на пресови се фалеше со набавката, за на крај преку соопштение да ја извести јавноста дека набавка нема да има“,
рече Стоилковски.
Тој прашува зошто министерот и Министерството за здравство не повеле постапка за санкционирање на двете компании, кои првo потпишале договори дека ќе ја извршат набавката, па се откажале.
„Очигледно е дека станува збор за договорена работа, а случајот да се заташка. Очекуваме одговори веднаш. Венко Филипче да каже дали компаниите биле санкционирани, доколку не се, дали е затоа што претходно така се договориле со него? Ги повикуваме институциите да го испитаат целиот случај, од почетокот при декласирање на седумте компании па до крај“,
рече Стоилковски.
Од Министерството за здравство реагираат дека нема никаква неправилност во однос на набавката за респираторни машини. Според нив, ВМРО-ДПМНЕ упорно продолжува со бесмислени прес-конференции.
„Единствена намена на овие прес-конференци е да одржуваат во јавност непостоечка тема и да ги манипулират граѓаните. За каков криминал или неправилност зборува ВМРО-ДПМНЕ кога набавката за респиратори воопшто не се реализираше откако компаниите се откажаа заради тоа што не можат да го испорачаат договореното? На сите им е јасно дека набавка на респиратори во овие моменти е исклучително тешка заради дефицитот на машини во светот. Откажувањето на компаниите во вакви тешки услови за работа и дефицит не е ништо чудно или неочекувано“,
велат од Министерството.
Според нив, нејасно е што точно сака да проблематизира опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Апелираме да престанат со замајување на јавноста и слободно да ги повикаат сите институции да го истражат овој непосточеки случај. Министерството за здрваство работи транспарентно и стоиме на располагање на сите институции кои сметаат дека треба да истражуваат“,
велат од Министерството за здравство.
