Од 2017 до 2020 година неколку тендери добила фирма во сопственост на сопругот на сестрата на секретарот во Град Скопје, Викторија Аврамовска-Мадиќ, велат од опозициската партија
ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција објави случај за тендери во Град Скопје, за кои тврди дека има судир на интереси, односно ги добила фирма во сопственост на сопругот на сестрата на секретарот во Град Скопје, Викторија Аврамовска-Мадиќ.

Портпаролот на партијата Наум Стоилковски објави дека се работи за фирмата „Армор плус“ за набавка на заштитна противпожарна опрема, со седиште на Булевар „Трета македонска бригада“, во сопственост на лицето Димитар Петрески, која во периодот од 2017 до 2020 година во 5 наврати добила тендери во вредност од над 10 милиони денари.

„Димитар Петрески, пак, е сопруг на сестрата на Викторија Аврамовска-Мадиќ, секретар на Градот Скопје. Секоја година компанијата ‘Армор плус’ добивала јавна набавки од градот раководен од Петре Шилегов. Па така, фирмата на зетот на секретарот на Скопје во ноември лани, добила тендер за заштитни одела во износ од речиси 5 милиони денари. Ваква слична јавна набавка имало и еден месец порано во износ од 350 илјади денари. Во 2019 година зетот од Град Скопје добива уште една јавна набавка од градот раководен од Шилегов во вредност од над 2 милиони денари. Ваква набавка истата фирма добила и во други два наврати во 2017 година веднаш по стапувањето на Шилегов на оваа функција во вредност од над 2 милиони денари“,
рече Стоилковски.