Анкетата покажа дека вкупно 24,9% од граѓаните би гласале за листите на СДСМ на локалните избори, а 22,8% за листите на ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ смета дека последната објавена анкета, направена од Стратум Р&Д, а нарачана од новинската агенција „Макфакс“, е лажна и наместена.
„Стратум Рид е истата компанија која во неколку наврати добива пари од скандалозните исплати на Фондот за иновации. Сега истата компанија која доби пари од власта, пред избори мести анкети за СДСМ. Анкетата е лажна и за политичка употреба пред самите избори, што најдобро ја отсликува нервозата во СДСМ и поразот кој им следи. Компанијата која е соработничка на владата сега е соработничка и на СДСМ. Веројатно самите анкети се правени на компјутерот во седиштето на СДСМ, а не врз основа на научен и репрезентативен примерок“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија велат дека во прилог на тоа оди што и управителката на Стратум, Весна Кузмановиќ, е соработничка на премиерот Зоран Заев, за што до медиумите испратија и фотографии од нивна заедничка средба.

Анкетата направена телефонски во периодот од 25 до 30 септември на примерок од 1 000 испитаници, покажува дека вкупно 24,9% од граѓаните би гласале за листите на СДСМ на локалните избори, а 22,8% за листите на ВМРО-ДПМНЕ.