Осврнувајќи се на политичкиот опонент, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера на настан во Општина Аеродром рече „СДСМ не е на биолошки минимум, туку пред исчезнување“ и оти на следните избори ќе бидат под 100 000 гласа
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и денеска објави свои партиски анализи за резултатите од првиот круг од локалните избори, споредувајќи ги со оние на нивниот политички опонент, опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ).

Според владејачката партија, тие го пресликале успехот од минатогодишните парламентарни избори во процентуална вредност, а споредено со претходните локални избори во 2021 година, велат дека имаат раст на бројот на гласови за градоначалници и советници во општините.
Соодносот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по првиот круг од локалните избори одржан во неделата е 10 спрема еден, велат од партијата на власт, што според нив покажува дека граѓаните го направиле вистинскиот избор – работа и дела, наместо криминал и неспособност.
„Локалните избори беа одраз за тоа дека доколку работиш чесно, транспарентно и посветено, народот ќе го цени тоа и ќе те награди. ВМРО-ДПМНЕ освои 550 советници низ државата и градот Скопје, додека СДС освои околу 230 советници. ВМРО-ДПМНЕ освои 12 000 гласови повеќе од минатите избори, додека СДС изгуби 111 000 гласови. ВМРО-ДПМНЕ доби 11 повеќе градоначалници во првиот круг, а СДС изгуби шест“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на нивните кандидати за градоначалници кои за функцијата ќе се борат во вториот круг, на 2 ноември, од партијата велат дека тие се фаворити во сите 26 општини и затоа ги повикуваат граѓаните масовно да излезат и да гласаат за нив.
Повик до граѓаните да излезат и да ги поддржат кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ вчера упати и партискиот лидер Христијан Мицкоски од настан во Општина Аеродром.
Тој се заблагодари за поддршката во првиот круг во кој 33 општини избраа градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како што рече, тројца од редовите на СДСМ.
„Ќе се бориме за секој еден глас и за секој општина. Излезете и гласајте по вашето лично убедување. Кога ќе го имате пенкалото во рака, ако одлучувате според разум, душа и срце, убеден сум дека ќе одлучите за бројот 9 и овде во Аеродром за Дејан (Митески) и Орце (Ѓорѓиевски) за Град Скопје, убеден сум“,
кажа Мицкоски.
Осврнувајќи се на политичкиот опонент, Мицкоски рече дека СДСМ не е на, како што кажа, биолошки минимум, туку пред исчезнување и оти на следните избори ќе бидат под 100 000 гласа.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), на првиот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија 301 720 гласа, додека коалицијата предводена од СДСМ доби 125 758 гласа.
Споредено со претходните два изборни циклуса, ВМРО-ДПМНЕ во неделата освоила околу 135 000 гласа помалку од гласовите за пратеници во мај минатата година, а повеќе од 10 000 гласа за советничките листи во 2021 година. За СДСМ, пак, резултатот од неделата е полош за околу 30 000 гласа споредено со ланските парламентарни избори и за околу 110 000 гласа споредено со изборите во 2021 година.
