Како значајно, портпаролот на опозициската партија, Наум Стоилковски, го истакна тоа што стратешките партнери на земјава имаат разбирање за македонската посебност и ја истакна важноста ова прашање да добие поддршка и од другите држави и институции во Европа
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска објави дека дава безрезервна поддршка за предложената резолуција во американскиот Сенат, според која септември 2023 година би се прогласил за месец на македонско-американско наследство, при што би се славеле јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, портпаролот на партијата Наум Стоилковски кажа дека предложената резолуција доаѓа благодарение на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дозволете ми да подвлечам дека пред две години никој не зборуваше за гаранции за македонската многувековна историска и културна посебност, и ова прашање и реакција се случува благодарение на ВМРО-ДПМНЕ којашто го отвори и наметна прашањето во јавниот дискурс“,
кажа Стоилковски.
Како значајно, Стоилковски го истакна тоа што стратешките партнери на земјава имаат разбирање за македонската посебност и ја истакна важноста ова прашање да добие поддршка и од другите држави и институции во Европа.
- Во американскиот Сенат предложена резолуција за чествување на македонскиот јазик, култура и историја
Републиканскиот сенатор Мајк Брон претстави резолуција во американскиот Сенат, според која септември 2023 година би се прогласил за месец на македонско-американско наследство, при што би се славеле јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот придонес за Соединетите Американски Држави.
Во резолуцијата се наведува дека е важно да се истакнат бројните придонеси на македонските Американци во САД од различни области, почнувајќи од култура и уметност, до политика, бизнис, медицина, наука и спорт.
