ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа образложенија од Владата дека во буџетот нема средства. Средства има, но тие се трошат на апетисани, скапи есцајзи, нови возила, мебел, скапи ручеци и матни зделки на владините функционери, порачаа од партијата
Вработените во образованието, во училиштата, во градинките, имаат со Устав загарантирано право на штрајк. Синдикатот има обврска, но и морално право да го организира штрајкот. Наставниците имаат право на покачување на платите согласно Колективниот договор. Тие тоа и го заслужуваат, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ од каде го поддржа штрајкот на вработените во образованието.
„Владата, наместо да им се заканува и врши притисоци врз нив, треба да се потруди да ги исполни нивните барања, да го исполни тоа што им следи и да го исполни тоа што владата го прифатила со колективните договори“,
порача Весна Јаневска, претседателка на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа образложенија од Владата дека во буџетот нема средства, додаде Јаневска. Средства има, но тие се трошат на апетисани, скапи есцајзи, нови возила, мебел, скапи ручеци и матни зделки на владините функционери, рече таа.
„Оваа влада не може, а и не сака да се справи со предизвиците кои ги носи ова тешко време. Нејзиното владеење се вози на грбот на работникот, кој одвај го издржува товарот. Владата на СДСМ и ДУИ не смеат вината за галопирачката инфлација во која горивата се покачија за 70% струјата се покачи за 30%, парното за 15%, лебот за дури 110%, маслото за јадење за 30% и сите основни намирници за околу 30 до 50% да ја наметнуваат врз оние коишто си ги бараат правата, а протестираат заради се потешкиот живот. Работниците, се доведени на работ на сиромаштијата, а некои и до работ на опстанокот“,
порача Јаневска.
