Освен Јанков, вечерва на седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се избрани кандидати за градоначалници на уште 15 општини. Дел од нив ќе дојдат на местото на нивни сопартијци што изминатите четири години раководеле со општините, а има и нови имиња што, исто како Јанков, ќе се обидат да ја освојат локалната власт

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Струмица, Петар Јанков, е кандидатот на партијата со кој ќе се обиде на локалните избори на 19 октомври да ја освои локалната власт во Струмица.
Јанков, кој денеска беше претставен како кандидат за градоначалник на Струмица, вели дека на претстојните избори се донесува важна, храбра и историска одлука за промени.
Ако победи на овие локални избори, Јанков ќе го прекине управувањето со локалната власт што СДСМ го има во континуитет од 2005 година наваму. Противкандидат на Јанков од СДСМ нема да му биде актуелниот градоначалник Костадин Костадинов, туку претседателот на општинската организација на партијата, Марјан Даскаловски.
Освен Јанков, вечерва на седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се избрани кандидати за градоначалници на уште 15 општини. Дел од нив ќе дојдат на местото на нивни сопартијци што изминатите четири години раководеле со општините, а има и нови имиња што, исто како Јанков, ќе се обидат да ја освојат локалната власт.
Во Општина Сопипште за кандидат е избран Јане Мицевски, кој е предложен место актуелниот Стефче Трковски.
За Општина Виница, наместо сегашниот Миле Петков, ВМРО-ДПМНЕ сега ќе оди со Митко Костадиновски.
Љупчо Почивалец на 19 октомври ќе ја бара довербата на жителите од Радовиш и тој доаѓа наместо досегашниот Ацо Ристов.
Во Неготино наместо сегашниот Горан Стојанов, кандидат е Марија Нацева, а во Прилеп ВМРО-ДПМНЕ сега го кандидираат Дејан Проданоски на местото на Борче Јовчески.
Наместо актуелниот градоначалник на Општина Чешиново-Облешево, Далибор Ангелов, партијата го кандидира Јордан Костадинов.
Од 15-те предложени кандидати вечерва единствениот актуелен градоначалник што ќе бара нов мандат од граѓаните е првиот човек на Демир Хисар, Никола Најдовски.
Извршниот комитет на партијата, како што вечерва информира генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, донел одлука за кандидати за градоначалници и на општините Кичево, Крива Паланка, Маврово Ростуше, Кривогаштани, Шуто Оризари, Крушево, Валандово и Чашка.
За овие локални самоуправи, каде што сега градоначалниците се од опозициски партии, предложени се Александар Јовановски, Оливер Алексовски, Онер Јакуповски, Сашо Граорковски, Ерџан Демир, Нико Чонески, Ѓоко Камчев и Дејан Андоновски.
За општините Куманово и Центар, Сајкоски рече дека ќе ги поддржат кандидатите што ќе бидат предложени од коалициската партија ЗНАМ.
„Убедени сме во способноста на секој еден избран кандидат. Тоа се луѓе кои се докажани во своите области и сектори на работа. Кандидатите за градоначалници имаат навистина одлична можност да го продолжат вистинскиот пат кој ние го започнавме и го водиме овие четири години како локална и една година како централна власт“,
рече Сајкоски.
Тој додаде дека според внатрепартиските анализи и сондажи, партијата ќе има „историска победа на претстојните локални избори“.
Ова е списокот на сите кандидати што вечерва ги претстави ВМРО-ДПМНЕ:
- Сопиште – Јане Мицевски;
- Кичево – Александар Јовановски;
- Крива Паланка – Оливер Алексовски;
- Маврово Ростуше – Онер Јакуповски;
- Кривогаштани – Сашо Граорковски;
- Шуто Оризари – Ерџан Демир;
- Крушево – Нико Чонески;
- Валандово – Ѓоко Камчев;
- Виница – Митко Костадиновски;
- Демир Хисар – Никола Најдовски;
- Чешиново-Облешево – Јордан Костадинов;
- Радовиш – Љупчо Почивалец;
- Чашка – Дејан Андоновски;
- Прилеп – Дејан Проданоски;
- Струмица – Петар Јанков;
- Неготино – Марија Нацева.
Досега ВМРО-ДПМНЕ претстави кандидати за градоначалници за повеќе од 30 општини, меѓу кои и за Град Скопје.