Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа на Трендафилов ако смета дека му е загрозена приватноста, да пријави во институциите

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ смета дека денешната реакција на претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, за кого велат дека сака да се претстави како „жртва на политички прогон“ е поради „фијаското на протестите на ССМ и Трендафилов пред Собранието“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Трендафилов бара зголемување на минималната плата за 200 евра и останатите плати за 100 евра, а признал дека зема околу 1 000 евра плата, или 2,5 минимални плати.
„Човекот кој лицемерно се ‘бори’ за работниците, призна дека зема 57 000 денари плата и користи службено возило, а нашите сознанија велат дека добива и дополнителни бонуси“,
велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа на Трендафилов ако смета дека му е загрозена приватноста, да пријави во институциите.
Партијата го советуваше лидерот на ССМ „помалку да ги слуша советите од Филипче“, а повеќе да се интересира за интересите на работниците.
Во одбрана на пратеничката Стојаноска застанаа и нејзините колеги од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштението од пратеничката група се вели дека ова е очајнички крик на еден „синдикалец“ кој мисли дека со солзи и етикетирања ќе го избрише фактот дека ги троши парите на работниците за личен луксуз.
Оттаму сметаат дека правосудните органи веќе имаат чист случај пред себе за кој Трендафилов велат дека веќе требало да дава исказ пред надлежните органи и да сноси одговорност за злоупотреба на службено возило за приватни цели.
„Додека лицемерно ги повикуваше пратениците да одат пешки, тој истиот ден се појави на протест со службено возило, а јавноста веќе виде како тоа исто возило се користи за семејни потреби како да е негова приватна сопственост“,
се вели во соопштението.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа Јавното обвинителство веднаш да отвори постапка и да истражи како се користело службеното возило во ССМ од денот на неговото назначување до денес.
„Трендафилов залудно бара виновници кај пратениците. Спорната снимка е преземена од социјалните мрежи и е веќе јавно достапна. Најверојатно е снимена од револтиран работник или член на ССМ, на кој му е преку глава од вакви ’заштитници’ на работничките права“,
се додава во соопштението.
Од пратеничката група сметаат дека Слободан Трендафилов ќе остане запаметен како „синдикалец“ кој нема склопено ниту еден договор корисен за македонскиот работник во текот на целиот негов мандат.
Сметаат дека нападот врз Стојаноска е само доказ за немоќта на еден функционер кој го изгубил компасот и велат дека Трендафилов треба веднаш да си поднесе оставка и наместо да глуми жртва по медиуми, да подготви одбрана пред истражните органи за своето расипништво.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска побара од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Обвинителството да поведат постапка против пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска. Исто така и од собранискиот спикер побара да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Стојаноска.
Пратеничката вчера на нејзиниот фејсбук-профил објави видео, а во описот вели дека Трендафилов со службено возило на ССМ завршува приватни обврски. Притоа во видеото се прикажува како Трендафилов со неговите две деца влегува во автомобил.
Трендафилов денеска на прес-конференција рече дека Стојаноска „му ги објавила малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да го уценуваат“.
