Со Струга ќе раководи независниот кандидат Менди Ќура, со Куманово – ЗНАМ на Максим Димитриевски и со Шуто Оризари – Курто Дудуш од Унијата на Роми, кои за победите се изборија во вториот круг, откако во првиот круг не успеаја да го поминат прагот од 50 отсто плус еден од излезените избирачи
Со вториот круг од локалните избори што се одржа вчера земјава го заокружи изборот на градоначалници во 76 општини и во Градот Скопје.

Вчера се гласаше во 32 општини и во Градот Скопје и според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија (ДИК) од обработени 100 отсто од избирачките места, најмногу градоначалници освои владејачката ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Имено, како што покажуваат резултатите на ДИК, кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата вчера ја однесоа победата во 21 општина. Втор по освоени градоначалнички места во вториот круг е нивниот коалициски партнер ВЛЕН, со четири градоначалници, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), победи во три општини, коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ во една. Во вториот круг во Струга победи независниот кандидат Менди Ќура, кој непосредно пред вториот круг ја доби поддршката од ВЛЕН.
По едно градоначалничко место во вториот круг вчера освоија Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и Унијата на Ромите (УР).
Во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше вчера немаше гласање. Причината е недоволниот одзив на гласачи во првиот круг, поради што ќе се спроведе нова изборна постапка во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од Локалните избори 2025.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, според првичните неофицијални резултати на ДИК во вториот круг од локалните избори освои градоначалнички места во следните општини: Аеродром, Брвеница, Валандово, Виница, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Лозово, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Чешиново-Облешево и Чучер-Сандево.
Нивниот коалициски партнер во Владата, коалицијата ВЛЕН, во вториот круг е победник во Боговиње, Дебар и во Долнени.
Кандидатите за градоначалници на СДСМ вчера успеаја да освојат повеќе гласови во Зрновци, Македонска Каменица и во скопската општина Центар.
Коалицијата НАИ во вториот круг однесе победа во општина Студеничани, а кандидатот на Унијата на Ромите ќе раководи со скопската општина Шуто Оризари.
Во неизвесна трка во Куманово, вчера за трет по ред градоначалнички мандат се избори лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Каква е вкупната слика со првиот изборен круг
Сумирано, со кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ кои победата ја запечатија уште во првиот круг, ВМРО-ДПМНЕ ќе има градоначалници во 54 општини, плус Градот Скопје, каде Орце Ѓорѓиевски ја однесе победата над кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ.
Инаку, во првиот круг беше неизвесна победата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во општина Старо Нагоричане, кој беше на самата граница од 50 отсто освоени гласови, но според официјалните резултати на Државната изборна комисија, тој, сепак, успеа да стане градоначалник на општината по првото гласање и пребројување.

ВЛЕН во првиот круг освои 5 градоначалнички мандати и со вчерашните четири ќе има вкупно девет градоначалници.
Социјалдемократите, заедно со трите градоначалнички мандати во првиот и трите во вториот круг ќе раководат со вкупно шест општини.
Коалицијата предводена од ДУИ, „Национална алијанса за интеграција“, во првиот круг доби градоначалници во три општини и со вчерашната победа во Студеничани ќе има вкупно четворица градоначалници.
Со Струга ќе раководи независниот кандидат Менди Ќура, со Куманово – ЗНАМ на Максим Димитриевски и со Шуто Оризари – Курто Дудуш од Унијата на Роми, кои за победите се изборија во вториот круг, откако во првиот круг не успеаја да го поминат прагот од 50 отсто плус еден од излезените избирачи.
