ВМРО-ДПМНЕ ги повикува граѓаните „да го видат ова лице на СДСМ“, кое ја потценува и навредува пораката од изборите и порачаа дека токму затоа СДСМ треба да биде казнет во вториот круг

Единствена паника која постои во ВМРО-ДПМНЕ е поради „очигледната непресметливост и забеганост“ на раководството на СДСМ, се вели во реакцијата од владејачката партија. Реакцијата доаѓа по денешните обвинувања од СДСМ дека во ВМРО-ДПМНЕ е во паника бидејќи Социјалдемократскиот сојуз е на пат да освои повеќе општини на овие избори отколку што ВМРО-ДПМНЕ успеала да освои на локалните избори во 2017 година.
Според ВМРО-ДПМНЕ, соопштението на СДСМ покажува дека партијата не само што не ја сфатила пораката на народот и на своите членови, туку и „живее во паралелен универзум на халуцинации“.
„Навистина жално. Каков крај“,
се вели во нивната реакција.
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува граѓаните „да го видат ова лице на СДСМ“, кое ја потценува и навредува пораката од изборите и порачаа дека токму затоа СДСМ треба да биде казнет во вториот круг.
Партијата ја потсети опозицијата на вчерашната изјава на премиерот Мицкоски околу барањето за предвремени избори.
„Ако се толку сигурни во тоа дека со намалување на бројот на советници и гласови и паѓање на најниското историско ниво на таа партија, а на чекор пред тотален распад кој вака ако продолжат е неминовен, сепак нека се охрабрат и нека поднесат барање за предвремени избори во парламентот, и ќе видиме каков епилог ќе има тоа“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, денеска на прес-конференција ВМРО-ДПМНЕ излезе со анализа на изборните резултати од првиот круг истакнувајќи дека граѓаните гласале за работа, перспектива и иднина и докажани кадри.

Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека партијата забележала значаен пораст на првиот круг од изборите.
„Имаме раст во гласовите од минатите локални избори во 2021 година. Имаме пораст во делот на советничките места од 17,5 отсто или 82 повеќе советници во советите. Имаме пораст и во делот на освоени градоначалнички места во првиот круг, ако во 2021 година имавме 22 градоначалнички места, сега имаме 33, што е за 50 отсто повеќе“,
рече Манасиевски.
Според него, со 33 освоени градоначалници во првиот круг, ВМРО-ДПМНЕ веќе освоиле околу 80 проценти од вкупниот број градоначалници што ги имале по целиот изборен процес во 2021 година, кога освоиле 42 општини.
