Тие додаваат дека Гошев, кој претходно бил и пратеник во два собраниски состави, останал на гувернерската позиција цели седум години

ВМРО-ДПМНЕ со писмено соопштение реагира на денешните критики на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) дека предлогот на претседателката Сиљановска-Давкова за Трајко Славески да биде гувернер на Народна банка ќе значи „погребување на последната независна институција“ во државата.
ВМРО-ДПМНЕ ги потсетуваат од опозициската СДСМ дека и тие имале сличен случај во минатото.
„СДС обвинува дека предлогот на претседателката Сиљановска-Давкова за гувернер на НБРМ бил ’теснопартиски’. Забораваат дека претседател на политичка партија, претходничка на нивната СДСМ, во 2004 беше назначен за гувернер на НБРМ непосредно по вршењето на функцијата министер за финансии во влада предводена од СДС“,
посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ мислејќи на Петар Гошев.
Тие додаваат дека Гошев, кој претходно бил и пратеник во два собраниски состави, останал на гувернерската позиција цели седум години.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ги потсетуваат СДСМ дека професорот Трајко Славески во раните 1990-ти години остро го критикувал „грабежот на општествениот капитал“ што го извршило тогашното раководство на СДС во полза на, како што велат, „македонските олигарси“. Овој процес, според ВМРО-ДПМНЕ, оставил стотици илјади работници без работа и егзистенција.
„Во тој период, штитејќи ги правата на работниците за праведна приватизација, професорот Славески беше неформален советник на тогашното раководство на Сојузот на синдикатите на Македонија. Синдикалното гласило ’Трудбеник’ во 1995 година го прогласи за ’економист на годината’“,
се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека професорот Славески отсекогаш се залагал за унапредување на општиот интерес и бил во служба на напредокот на Република Македонија, наспроти интересите на тесни групи.
Од СДСМ денеска рекоа дека ќе се спротивстават на на изборот на Трајко Славески за гувернер на Народна банка велејќи дека со неговото назначување, кого го нарекуваат „класичен партиски пиун“, се прави „невиден преседан“. Според нив, Народната банка отсекогаш била водена од независни експерти, а не од партиски функционери.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка на предлогот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Трајко Славески да биде нов гувернер на Народната банка.