ВМРО-ДПМНЕ го повикува обвинителот да излезе и да одговори дали тврдењата на СДС се точни и каква е неговата вмешаност во случајот, како и за тоа дали следењето било оправдано со сомневање за криминал и кои биле доказите

По денешната прес-конференција на СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека социјалдемократите со своите изјави „прават суштински стратешки грешки со кои од ден на ден ја докажуваат и потврдуваат инволвираноста на таа партија“ во скандалот со следењето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во соопштението ВМРО-ДПМНЕ го споредува однесувањето на СДСМ со „зајак кој ќе се скамени пред рефлектори на кола која забрзано оди кон него“, обвинувајќи дека луѓе и структури блиски до нив одработувале за партијата и сега се плашат дека ќе „пропеат“.
ВМРО-ДПМНЕ поставува неколку прашања за изнесените тврдења на СДСМ.
„Ако следеле заради ‘Делчевски ниви’, како СДС го знае тоа или си измислуваат сега изговори?“,
е едно од прашањата што ги поставува ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, фактот што Мицкоски не е уапсен, и покрај тоа што бил следен под изговор за случај кој Обвинителството го повлече поради недостиг на докази, е показател дека во СДСМ знаеле дека тој нема врска со случајот.
„Самиот факт што не е уапсен е доказ дека сè што зборуваа од СДС е лага“,
се вели во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ им заблагодарува на СДСМ што со своите изјави откриле дека Мицкоски нема никаква компромитација ниту бил дел од што било нечесно.
„Тоа што самите бараат изговори да оправдаат следење на опозицијата (откако веќе докажано знаеле дека нема никаков случај против него и е чист како солза) е само по себе доказ дека се инволвирани и дека нивни структури свесно го правеле ова“,
велат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува обвинителот да излезе и да одговори дали тврдењата на СДС се точни и каква е неговата вмешаност во случајот, како и за тоа дали следењето било оправдано со сомневање за криминал и кои биле доказите.
Зошто Обвинителството, велат од ВМРО-ДПМНЕ, не покренува случаи против функционери на СДС и покрај „купишта докази“, обвинувајќи го дека е заштитник на СДС и на криминалот.
Од владејачката партија изразуваат чудење на, како што рекоа, плиткоста на овие прес-конференции и „необмислените напади и ова нивно копрцање и претaње како давеник кој бара сламка“.
„Нема сламка. Сите до еден ќе одговарате. А за брзо време нема ни Обвинителството да може да ве штити. Доаѓаат времиња на правдата во Македонија“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа реакција на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа откако денеска од опозицискиот СДСМ на прес-конференција го прашаа премиерот Христијан Мицкоски дали случајот „Делчевски ниви“ е причината поради која „се плаши“ да побара декласификацијата на документите со кои би се докажале неговите и наводите на актуелниот директор на Агенцијата национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, дека бил следен и прислушуван додека бил во опозиција.
Дополнително, Кузеска рече, повторно во прашална форма, дали во овие документи има сериозни индиции за повторно нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, како и индиции за организиран криминал и корупција.
Како што наведе таа, декласификацијата на овие документи е едноставна и би ги разрешила сите дилеми што ги има во јавноста.
Одбивањето за декласификација, како што порача Кузеска на крајот, ќе биде доказ дека премиерот Христијан „како тогаш така и денес не може да излезе од криминалната матрица и негова единствена цел е лично богатење“.