Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека наставата се одвива во најдобар ред и додаваат дека во текот на седумгодишното владеење на СДСМ, учениците немале учебници

ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла обвинувањата изнесени денеска од СДСМ дека учениците немаат учебници велејќи дека се манипулација.
Реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ доаѓа откако партиската портпаролка на СДСМ, Богданка Кузеска, ги обвини актуелната власт и Министерството за образование и наука (МОН) за неисполнување на ветувањето за навремена испорака на учебници.
„Учебници има, а СДС упорно продолжуваат да лажат“,
се вели во соопштението од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа СДСМ да наведат кој конкретен учебник, според нив, недостасува. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека наставата се одвива во најдобар ред и додаваат дека во текот на седумгодишното владеење на СДСМ, учениците немале учебници.
Во својата реакција, ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ за злоупотреби во минатото.
„Додека СДС трошеше милиони евра за тендери за учебници, парите завршуваа во приватни џебови, а учениците страдаа и учебници не добиваа“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како пример, тие наведуваат дека само во учебната 2018-2019 година биле склучени над 27 договори со фирми, кои оствариле профит од повеќе од 7,5 милиони евра за набавка на учебници и дидактички материјали за основно и средно образование.
Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ велат дека актуелната влада го решила проблемот со учебниците по странски јазици, така што учениците сега учат од стандардизирани материјали, а не од интернет.
Од партијата порачуваат дека одговорност за сите криминали ќе има, особено за „криминалните тендери кои, во владеењето на СДС, ги оставија учениците без елементарни средства за настава“.
Инаку, Кузеска денеска на прес-конференција рече дека иако помина еден месец од почетокот на учебната година, голем број ученици сè уште немаат обезбедени учебници.
Според СДСМ, родителите не се должни да печатат материјали, ниту, пак, наставниците да импровизираат. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, прво, како што рече Кузеска, зборуваше за решавање на проблемот преку донации, за потоа да им порача на учениците и родителите да користат ПДФ-формати достапни на интернет.
Од СДСМ побараа одговорност од министерката Весна Јаневска за, како што наведе, „лагата и оставањето на учениците без основното право на квалитетно образование“.
Јаневска вчера информира дека тие како Министерството побарале од издавачките куќи да им ги достават во ПДФ-формат учебниците што недостасуваат и оти во тек е нивно поставување на веб-страницата на Педагошката служба при МОН.
Таа беше децидна дека секој учебник што е побаран од Министерството е обезбеден и оттука, додаде, не ги прифаќа тврдењата дека учебници нема.