Цели три години ги лажеа и ги подгреваа надежите на луѓето од Центар, Ново Маало и другите дека нема да се гради на паркингот кај „Холидеј ин“, за изминативе денови, без грам срам, пред граѓаните да излезат и да издадат градежни дозволи, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ откако градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, рече дека веќе нема правна пречка да почне да се гради првата дваесеткатница.
„Цел мандат на СДСМ му се базира на лаги и манипулации. Цели 3 години ги лажеа граѓаните на Центар, ги лажеа граѓаните на Скопје, манипулираа, ветуваа и на крај ништо од тоа не исполнија. Ветуваа дека ќе укинуваат дупови, ќе укинуваат градежни дозволи, ќе прават јавни анкети, а на крајот, испадна дека лажеле, на нивен бесрамен начин. Цели 3 години ги лажеа и подгреваа луѓето од Центар, од Ново Маало и останатите дека нема да се гради паркингот кај ‘Холидеј ин’, за да изминативе денови, без грам срам пред граѓаните, излезат и издадат градежни дозволи. Ниту се случи ревизија, ниту укинување на дозволи, ниту ништо. Лага до лага цели три години“,
порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Арсовски додаде и дека владејачкиот СДСМ три години држел, како што вели, лажен мораториум, а надлежните си ја префрлале вината едни на други.
„Шилегов кај Богдановиќ, Богдановиќ кај Бочварски, Бочварски кај куририте што не го донеле писмото, и тоа само за да купат политички поени кај граѓаните, за да сега пред избори се најдат во тесно и издадат градежни дозволи. Саша Богдановиќ и Петре Шилегов немаат ниту трошка срам, ниту пак кредибилитет понатака да бараат било каква доверба кај граѓаните, бидејќи ги излажаа на најдрзок начин дека нема да се гради кај ‘Холидеј ин’ и за на крај, сепак, овде да никнат планираните според ДУП објекти. Очигледно е дека немале ниту план, немале ниту визија, ниту пак еден единствен проект изминативе 3 години и Богдановиќ и Петре Шилегов и единствено им беше важен личниот интерес целите овие три години, наспроти лагите кои ги пласираа кај граѓаните“,
се вели во партиското соопштение.
Инаку, планот за изградба на висококатниците во срцето на главниот град е предвиден со Деталниот урбанистички план донесен од ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година. СДСМ, иако најавуваше не ја спречи имплементацијата на спорните планови, а дополнително овозможи и дооформување на парцелата со продажба на државно земјиште кај паркингот спроти „Холидеј ин“.
По падот на мораториумот, локалната власт ветуваше и суспензија на спорните детални урбанистички планови, но Стручната комисија при Министерството за транспорт и врски утврдила дека Општина Центар ги промашила елаборатите.