Ристоска денеска информира дека поднела тужба против ВМРО-ДПМНЕ откако владејачката партија, нарекувајќи ја поранешна „ѕвезда“ на пропаднатото СЈО, во октомври лани ја критикуваше нејзината обвинителска работа, обвинувајќи ја дека земала бонуси во времето кога државата се гушела во неправда
Јавната обвинителка Ленче Ристоска, која беше дел од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), наместо да се извини, прави дефокус и глуми жртва. Ова е денешната реакција од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако таа денеска информира дека поднела тужба против партијата.

Според владејачката партија, Ристоска се дискредитира себеси зашто беше дел од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), формирано, како што велат, за политички прогон и изнуда и кое беше маша во рацете на Социјалдемократскиот сојуз и поранешниот премиер Зоран Заев.
„Обвинителката Ленче Ристоска беше дел од СЈО, кое заврши со криминален скандал и рекетарска мрежа вредна неколку милиони евра. Како дел од таа мрежа, правосилно беше осудена нејзината шефица Катица Јанева. Што да се каже повеќе од ова“,
се вели во партиската реакција.
Оттаму додаваат дека е интересно како Ристоска сама се пронаоѓа во изјавите, а наместо да се извини, таа прави дефокус и глуми жртва.
„Таа не е никаква жртва, туку рецидив на системот што голташе жртви и правеше прогон“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ристоска денеска информира дека поднела тужба против ВМРО-ДПМНЕ откако владејачката партија, нарекувајќи ја поранешна „ѕвезда“ на пропаднатото СЈО, во октомври лани ја критикуваше нејзината обвинителска работа, обвинувајќи ја дека земала бонуси во времето кога државата се гушела во неправда.
„Јас ги преземам сите институционални механизми кои ми се на располагање, бидејќи недозволено е кое било обвинето лице да врши притисок на јавен обвинител, а најмалку од позиција на моќ. Поднесов тужба за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. За премиерот, како што е добро познато, поднесов известување до Советот на јавни обвинители како институција која е задолжена за заштита на самостојноста на јавните обвинители“,
изјави обвинителката за медиумите.
На почетокот не месецов, Ристоска поднесе известување до Советот на јавните обвинители во кое укажа на јавно искажаните наводи на премиерот Христијан Мицкоски во интервју за порталот „Вечер.мк“, во кое тој ја нарекува медиокритет и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за клиентелистичко-политичка матрица.
Наводите на премиерот таа ги оцени за навреди и неосновани професионални дисквалификации, поради што побара од него јавно да ѝ се извини.
Од Владата за „Дојче веле“ тогаш наведоа дека премиерот Христијан Мицкоски во интервјуто не ја спомнал Ленче Ристоска со име и презиме и дека е чудно што таа се препознала во интервјуто.
