Претходно од Комбинатот информираа дека блок 1, поради дефект во котелот, синоќа во 3 часот е исклучен од електроенергетската мрежа. Се очекува дефектот да биде саниран до вечерните часови и блокот да биде вратен во функција
РЕК „Битола“ е надвор од функција, јаглен има за два дена и може да снема струја, изјави денеска на прес-конференција Гордана Димитриеска-Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Никогаш досега РЕК „Битола“, како што вели, не бил надвор од функција среде грејна сезона.
„Овој капацитет, поради неспособноста на Владата, од утрово е надвор од функција. Откако пред неколку дена се запали трансформатор на блок 3, утрово има проблеми и со блок 1. РЕК, првпат по години, не произведува струја и тоа не е не планирано туку од неспособност среде енергетска криза, кога цените на струјата на светските берзи рушат рекорди. Без РЕК ’Битола’, хидроакумулациите и другите капацитети на ЕЛЕМ не се доволни за да ги задоволат потребите за струја на земјата. Државата ќе го плати прескапо неработењето на РЕК“,
изјави Кочоска.
Од РЕК „Битола“ претходно соопштија дека, поради дефект, од синоќа е исклучен блок 1. Се очекува дефектот да биде саниран до вечерните часови и блокот да биде повторно приклучен на електроенергетската мрежа.
„Поради дефект во котелот на блок 1, за кој не постоеше никаква можност да биде саниран додека постројката е во функција, синоќа во 3 часот блок 1 е исклучен од електроенергетската мрежа на државата. Станува збор за планско исклучување на блокот со цел санација на скинатата цевка, што се смета за лесен испад на постројката“,
информираа денеска од компанијата.
Оттаму посочуваат дека АД ЕСМ ги задоволува потребите од преостанатите капацитети, како и со набавената електрична енергија како резерва при вакви куси испади. Се работи и на оспособување на блок 2, кој беше во ремонт и се очекува и оваа постројка да биде приклучен во мрежата до крајот на неделава.
Денеска и од „Железници – инфраструктура“ информираа дека се вклучуваат од логистички аспект во решавање на енергетската криза и преземаат активности да се стават во функција капацитетите за транспорт на јаглен и мазут.
Хари Локвенец, директор на ЈП „ЖРСМ инфраструктура“ изјави за МИА дека претпријатието, во соработка со ТЕЦ „Неготино“ е во финална фаза за целосната реконструкција на колосекот до термоцентралата, со што ќе овозможи непречен и безбеден транспорт на сите потребни количини мазут во следниот период. Активностите за таа цел се споредуваат во изминатите две недели.
„Самоиницијативно, ‘ЖРСМ инфраструктура’, како општествено одговорна компанија, пристапија кон подготовка на железничката станица ’Никола Карев’ во близина на Битола, која моментно не е во употреба, а претставува најблиската точка за логистичка поддршка на железнички транспорт на јагленот до РЕК ’Битола’,
најави Локвенец.
Оваа реконструкција, информира, ќе биде завршена во текот на неделава. Станицата не е во употреба поради малата фреквенција, а се подготвува за да биде најдобрата логистичка поддршка за транспорт на јаглен. На ваков начин, укажа Локвенец, со камионски транспорт јагленот би се транспортирал само десетина километри.
„Реконструкцијата е во насока на задоволување на сите еколошки стандарди, со оглед дека претоварот може да биде и еколошка закана“,
дополни Локвенец.