Според Манасиевски, реформите во СДСМ треба да дојдат со оставка на Филипче, оградување и дистанцирање од Зоран Заев и воведување нов кадар во партијата
Никој не се нафаќа да биде дел од тимот на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, затоа што со поранешниот, Зоран Заев, ја држат партијата во заложништво поради нивните криминални бизниси и интереси. Ова е денешната реакција на ВМРО-ДПМНЕ за најавата на лидерот на Филипче дека денеска ќе ги соопшти новите членови на раководството и на Извршниот одбор на СДСМ , по денешното одржување седница на Централниот одбор на партијата.

„Поради нивните бизнис-интереси ја уништија партијата, а чесните кадри во СДС не можат да дојдат до израз. Но, до израз можат да дојдат луѓе како Александар Трајановски, луѓе како Оливер Спасовски, Никола Спасов, мали Фрчко и Жерновски. Лојални на Заев и Филипче се истите луѓе што ја испокрадоа и продадоа државата. Ете, на ова се сведе СДС“,
рече на денешната прес-конференција Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, реформите во СДСМ треба да дојдат со оставка на Филипче, оградување и дистанцирање од Зоран Заев и воведување нов кадар во партијата.
„Како може СДС да се реформира, кога сè уште се поистоветуваат со аболициран криминалец и доктор кој наместо да спасува животи, сакаше да заработи на нивното здравје? Како СДСМ да се реформира, кога врвот на партијата им е вмешан во криминал? Како СДС да се реформира кога едните исти луѓе скоро 15 години ја узурпираа партијата и ја спаднаа на 120 илјади гласови?“,
праша тој.
Посочи дека јужноамериканските криминалци Пабло Ескобар и Густавио Гавириа кај нас се пресликани во Зоран Заев и Велко Филипче, луѓе што ја држат во заложништво СДСМ што некогаш важеше за партија со кредибилитет и со визија.
Лидерот на партијата, Венко Филипче, во вчерашното интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека новите членови на раководството и на Извршниот одбор на СДСМ ќе бидат соопштени денеска, за кога е закажана седница на Централниот одбор.
Според него, извесно е дека позицијата генерален секретар ќе ја задржи Александар Саша Димитријевиќ и дека еден од потпретседателите ќе биде ортопедот кој беше кандидат за градоначалник на Аеродром, Александар Трајановски.
